Церемонијата на доделувањето на признанијата се одржа на Плаошник во Охрид, најдобрите млади инженери од техничките факултети во земјата го примија симболот на знаењето, професионалната чест и инженерската одговорност.
Добитници на годинашното признание се млади инженери од архитектурата, градежништвото, машинството, електротехниката, информатиката, земјоделските науки, технологијата и други инженерски области од УКИМ, УКЛО и УГД.
Сиљановска-Давкова порача дека „Инженерскиот прстен“ е потврда дека знаењето, трудот, стручноста и професионалноста се препознаваат и вреднуваат, нагласувајќи дека најуспешните млади инженери претставуваат значаен човечки и развоен потенцијал за државата.


Шефицата на државата зборуваше и на најгорливата тема, иселувањето на младите инженери, посочувајќи дека државата треба да создава услови најдобрите да останат и својот професионален потенцијал да го вложат во земјата.
„Способноста да ги задржиме најдобрите и да им овозможиме својата иднина да ја градат дома е суштинско прашање, од чиј брз и точен одговор ќе зависат економската конкурентност и долгорочниот развој на македонската држава“, изјави Претседателката Сиљановска-Давкова.
М-р Антонио Томески, најдобриот студент на Градежниот факултет – Скопје при УКИМ е добитник на престижното признание „Инженерски прстен 2026“.

Со оваа престижна награда досега се закитиле 257 инженери, а се доделува по 23 пат.