Претседателот на САД, Доналд Трамп, и британскиот премиер, Енди Бернам на маргините на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк разговараа за нуклеарната програма на Иран, тензиите на Блискиот Исток и иднината на островите Чагос.
Трамп ја бранеше воената акција на САД против Иран, велејќи дека Вашингтон „буквално го спречил“ Техеран да се здобие со нуклеарно оружје. Тој посочи дека цените на нафтата ќе паднат откако ќе заврши конфликтот, додавајќи дека Иран бил во контакт со неговата администрација и дека ќе се постигне договор.
Британскиот премиер во однос на Западниот Брег, ја правдаше одлуката на Велика Британија да ги санкционира израелските организации, велејќи дека решението за две држави мора да остане одржливо и дека непреземањето ништо ќе ја поткопа довербата на јавноста во политичките обврски.
Во врска со договорот за островите Чагос, Трамп беше недвосмислен, нарекувајќи го „ужасен“ и „смешен“, и ја нагласи стратешката воена важност на островите за Соединетите Американски Држави.
„Не го поддржувам тоа, пренос на островите Чагос од Велика Британија на Маврициус. Мислам дека е ужасно. Беше ужасен договор. Одеднаш велат дека имаат сопственост. Некој има сопственост што никогаш порано не се појавил по децении и векови. Мислам дека е смешно. Не, зборувавме за тоа. Стратешки е многу важно. Знаете, мораше да ги испратиме нашите бомбардери Б-2 кога ја бомбардиравме нуклеарната база на Иран. Моравме да ги испратиме бомбардери Б-2 назад дома во Мисури, наместо да летаме кратко време. Мораа да летаат долго време. Неверојатно е колку е стратешко, и мислам дека премиерот ќе го разгледа тоа”, истакна американскиот претседател Трамп.
САД изминатава година разгледуваат план за купување на островите Чагос од Маврициус, ппради орлуката Велика Британија да му го отстапи суверенитетот на Маврициус над островите, каде што се наоѓа стратешки важната британско-американска воена база „Диего Гарсија“. Во последниве години Обединетото Кралство се соочи со зголемен притисок поради тврдењето за, како што се нарекува, британска територија на Индиски Океан. Разни тела на Обединетите нации, вклучувајќи ги и врвниот суд и Генералното собрание, со огромно мнозинство застанаа на страната на Маврициус и побараа Велика Британија да ја предаде, како што ја нарекоа, нејзината „последна колонија во Африка”.