На документ на 81 страница, на прес-конференција, детално се образложени програмската концепција, организацијата, продукциските стандарди, ангажираните уметници и соработници, техничките и логистичките аспекти, како и финансиската структура на реализираните активности. Владата презентираше дека биле одржани 18 настани низ 13 градовите низ Македонија.
Во извештајот има распоред на сите реализираните настани. Секој од нив е поединечно обработен во извештајот, со објаснување на концептот, содржината, ангажираните капацитети и неговото место во целокупната програма. Ова е податок кој најдобро го илустрира националниот опфат на манифестацијата.
За „Силно светнал ден“ – национален музичко-сценски караван основната идеја како што објаснуваат било преку музика, сценски израз и современа визуелна продукција да се претстави патувањето низ изминатите 35 години независност. Да се поврзат различните генерации кои ја живееле и ја создавале современата македонска државност, музиката која го одбележала тој период и уметниците кои оставиле белег во нашата културна историја.
– Проектот беше конципиран како национален музички караван кој помина низ 11 градови: Охрид, Битола, Велес, Крушево, Куманово, Штип, Прилеп, Кичево, Кавадарци, Пробиштип и Скопје. Во оваа реализација беа ангажирани 41 македонски вокален изведувач, 20 професионални танчери, актери, како и оркестар составен од 15 музичари, изјави Марија Митева.
Беше споменат и настапот на Хозе Карерас и Macedonian All Stars – македонската музика на иста сцена со светската и за вклучувањето.
-Паралелно со овие два значајни проекта, програмата опфати и низа други концертни настани, со што се обезбеди разновидност во жанровите и можност различни генерации публика да бидат дел од одбележувањето. Манифестацијата беше отворена со настапот на светски познатиот музички продуцент и диџеј Steve Aoki, со што уште на самиот почеток беше најавен современиот, интернационален и продукциски амбициозен карактер на програмата, додаде Митева
Информираше дека во рамките на програмскиот концепт „Најдоброто од Македонија“ беа организирани три концерти во три града – Струмица, Скопје и Тетово.
Во рамките на овие музички содржини настапија едни од најпознатите и најзначајните имиња на македонската музичка сцена: Мизар, Синтезис и Меморија, Суперхикс, Слаткаристика, Два Бона, Фанк Шуи, Дина Јашари, Каролина Гочева и Елита 5.
Од традиционални и етно музички влијанија, преку рок и алтернативна сцена, до современи урбани и популарни музички изрази.
Продолжуваме во меѓународниот сегмент каде што беа реализирани и настапите на светски познатите артисти Paul van Dyk и Paul Oakenfold во Струмица. Со нивното вклучување се прошири и меѓународниот опфат на програмата, а истовремено се потврди и определбата големи музички настани да се реализираат и надвор од Скопје.
Централниот концертен спектакл беше реализиран на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје. Настанот претставуваше еден од технички најсложените и продукциски најобемните настани во рамките на целата програма.
Според доставениот извештај, настанот опфати публика од околу 50.000 посетители.
Оваа бројка сама по себе говори за интересот и обемот на организацијата, но вистинските размери на проектот се согледуваат преку техничката, продукциската и безбедносната подготовка потребна за реализација на концерт од ваков формат.
The Monolith Show е продукција од светски ранг, која подразбира значително повисоко ниво на сценска организација, технички капацитети, координација и инфраструктурна подготовка. Концертот беше реализиран со импозантна сценска конструкција, ЛЕД-екран со должина од 32 метри, масивен светлосен систем, голем број светлосни тела, ласерски ефекти и врвна концертна аудио продукција. Станува збор за продукција која бара интегрирано планирање и усогласување на сценските, електроенергетските, аудиовизуелните, логистичките и безбедносните компоненти.
Овде сакам да ставиме и посебен акцент на организациски предизвик кој што го имавме, а тоа е фактот што концертот се одржа на националниот стадион. Токму затоа еден од приоритетите во техничката подготовка беше заштитата на тревната површина на арената, како значаен дел од националната спортска инфраструктура. За таа цел беше применет специјализиран систем од тешко товарни заштитни панели, наменети за стадиони и големи арени.
Ова го истакнуваме затоа што организацијата на настан од ваков формат не се оценува исклучиво преку имињата на артистите или бројот на посетители. Таа се оценува и преку капацитетот да се испланира, технички да се подготви и безбедно да се реализира проект со големи продукциски и инфраструктурни барања.
Кога доаѓаме до резултати и општествено значење на програмата неопходно е да се погледне целината, а не само поединечните концерти. Вредноста на програмата се согледува преку повеќе аспекти. Пред сè, преку националниот опфат од 18 настани во 13 градови, со што се обезбеди широко територијално присуство на програмата. Потоа, преку непосредното вклучување на голем број македонски уметници, музичари, танчери, актери, технички професионалци и продукциски соработници.
ФИнансиските средства се прикажани во пет основни категории.
Првата категорија се хонорарите за артисти и изведувачи.
Оваа категорија се однесува на уметничкиот сегмент на програмата и ангажманите на артистите и изведувачите за кои се прикажани вкупно129.307.500 денари.
Втората категорија е продукцијата, за која се прикажани 96.272.512 денари.
Тука се опфатени продукциските потреби за реализација на програмата. За да се разбере обемот на овој сегмент, неопходно е да се има предвид дека станува збор за настани со различни сценски формати.
Третата категорија се логистичките трошоци. Организацијата на национална програма во 13 градови подразбира координација на бројни оперативни активности, транспорт, организациска и техничка поддршка и останати логистички потреби. И овде се прикажани 58.527.037 денари.
Четвртата категорија е маркетингот, со прикажана вредност од 2.832.450 денари.
И петтата категорија се хонорарите за соработниците, за кои се прикажани 53.570.250 денари.
Односно вкупната вредност на сите пет категории изнесува: 340.509.749 денари.
35 години независност на Македонија беа повод да се организира ваква програма која ги поврзува различните генерации, градови, уметници, но и музички традиции.
За нас достоинствено одбележување на националните јубилеј подразбира истовремено почитување на историјата, афирмирање на националната култура, отворање простор за современ уметнички израз и одговорност за користењето на јавните средства, додаде портпаролката Митева