Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, учествуваше на министерската сесија „Геополитички превирања: Централна и Југоисточна Европа во свет на коридори, безбедност и проширување“, во рамките на Бледскиот стратешки форум.
Муцунски се осврна на актуелните геополитички и безбедносни предизвици, стратешката важност на транспортните коридори, регионалната отпорност и европската перспектива на Западен Балкан. Посебен акцент беше ставен на стратешкото значење на Коридорите 8 и 10.
Министерот нагласи дека членството во НАТО претставува значајна предност преку споделувањето информации, заедничките политики за отпорност и одвраќање, но истовремено предупреди дека безбедносните ризици во регионот остануваат присутни. Во тој контекст, посочи на руската агресија врз Украина, влијанието и активностите на Кина и Иран, како и на пошироките конвенционални и неконвенционални закани, вклучително и сајбер-влијанието и обидите за економска принуда.
Осврнувајќи се на европската интеграција, Муцунски нагласи дека инвестициите во инфраструктурата и регионалната поврзаност мора да бидат придружени и со јасна политичка инвестиција во проширувањето на Европската Унија. Шефот на македонската дипломатија побара европскиот пат да служи за трансформација на институциите, а не на идентитетот, а проширувањето мора да стане геополитичка одлука, а не бирократска процедура.
„Доколку Европа сака да зборува со јазикот на геополитиката, тогаш проширувањето не може да го гледа низ логиката на бирократијата. Потребна е стратешка визија. Кога земјите кандидати постигнуваат напредок и се целосно усогласени со Заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија, тој напредок мора да биде видлив“, истакна министерот.
Муцунски посочи дека претходните проширувања на Европската Унија биле резултат не само на исполнувањето на критериумите, туку и на политичка волја и стратешка одлука дека проширувањето е во интерес на Европа.
„Нашето барање е јасно – европската интеграција да биде модел за трансформација на нашите институции, а не обид за трансформација на нашите идентитети. Оценувајте нè врз основа на заслугите и според тоа дали, во време на геополитички превирања, сме усогласени со надворешната и безбедносната политика на Европската Унија“, порача Муцунски.
Воедно, оцени дека од Брисел доаѓаат охрабрувачки сигнали за нов пристап кон политиката на проширување и нејзино приспособување кон актуелниот геополитички контекст.