Во голема акција, вчера и денеска, на Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал во координација со ОСПО-ЕБР, под раководство на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, сузбиена е криминална група која проневерила над 2,2 милиони евра.
Кривични пријави против шест физички и три правни лица поднесе полицијата по акција за сузбивање криминална група осомничена за проневера, перење пари и несовесно работење во службата. Според МВР, групата противправно стекнала повеќе од 138 милиони денари, односно околу 2,26 милиони евра. Во акцијата се лишени од слобода три лица, а при претреси се одземени пари, телефони и две возила.
„Супер Ауто Контрол“ од Кучевиште и осигурителното брокерско друштво „Супер Брокер” се компаниите на кои упатуваат јавно достапните податоци во големата истрага за проневера.
Станува збор за случај во кој осомничените преку лажирање на извештаи и уплатници при наплата на надоместоци за регистрација на возила ги прикривале и пренасочувале средства. Меѓу осомничените има и вработени во државни институции и претпријатија, од кои едно лице е вработено во Јавното претпријатие за државни патишта, а според информациите штетата се проценува на над 13 милиони денари, нешто повеќе од два милиони евра. При извршените претреси пронајдени и одземени се околу 27.735 евра, 38.500 денари, 750 швајцарски франци и 100 долари, повеќе телефонски апарати и две патнички моторни возила.
Во наводната шема учествувале и други лица, меѓу кои вработен во станицата за технички преглед, двајца извршни членови на одбор на директори во осигурително брокерско друштво и овластен сметководител. Парите, според истрагата, биле префрлани меѓу сметки на повеќе правни лица и мешани со приходите од редовното работење, а дел од средствата биле користени за купување недвижности.
Според властите, лицата се стекнале со имот-парични средства во износ од 138.877.419 денари (2.258.169 евра), а на штета на Буџетот, односно на штета на Јавното претпријатие за државни патишта износ од 48.434.406 денари, Црвен Крст износ од 1.485.926 денари, Министерство за животна средина 5.585.098 денари, Буџет и Комунална такса за Општините износ од 83.371.988 денари.