Граѓаните треба да знаат дека Унгарија и официјално отвори истрага за кредитот од цела една милијарда евра, што го договори Мицкоски и неговата влада со Унгарија и со пријателот Орбан. Освен со енормното покачување на јавниот долг, коешто е само по себе проблематично, овде веќе станува збор и за кредит којшто е преполн со сомнежи за криминал и, за жал, за незаконски постапки, рече на прес-конференција Андреј Жерновски.
Посочува дека според објавените информации, унгарското национално истражно биро има одземено илјадници страници документација поврзана со работењето на Ексимбанк. Еден од аспектите коишто се сомнителни и за коишто многу пати зборувавме и потенциравме, во јавноста го отворавме тоа прашање, а тоа е потеклото на парите.
„Дали се тоа парите коишто се дојдени од Кина, коишто непосредно претходно, пред да го добиеме кредитот како држава, се земени од страна на Унгарија, од Кина? Сега сите знаат дека Владата на Мицкоски е под меѓународна истрага за унгарскиот кредит.
За жал, тоа е имиџот којшто денес ќе го има нашата држава“, вели Жерновски.
Од партијата додаваат дека вистината излезе на површина. Не може земјата којашто е крајниот корисник на овие пари, не може земјата којашто го зема кредитот и не може земјата чиишто граѓани ќе го враќаат овој кредит да не отвори истрага за овој предмет, велат од СДСМ.
„Затоа, македонските правосудни институции се должни веднаш да реагираат и да отворат истрага за овој предмет.
Тие мора да побараат информација од унгарските надлежни органи за целата состојба, да проверат што се случува и да ги проверат сите околности околу овие кредити“.
Опозицијата бара договорите, потеклото на парите, текот на парите да бидат истражени како и која компанија доби пари од кредитот.