Повеќе од 20 часа пат – со авион, воз и автомобил. Една од организациски најсложените, но и најзначајните посети. Министерот за надворешни работи Муцунски пристигна во украинската престолнина. Оцени ова е посета што е потврда за силното пријателство и поддршка.
Во Киев го пречека неговиот колега министерот за надворешни работи Андреј Сибиха. Првите луѓе на надворешни на Македонија и Украина по средбите заклучија оти потребно е натамошно продлабочување на политичкиот дијалог и соработката меѓу двете земји, како на билатерален, така и на мултилатерален план. Посебен фокус во наредниот период ќе биде ставен на унапредувањето на економската соработка, европската перспектива на двете земји, актуелните безбедносни предизвици, како и на можностите за учество на нашата држава во процесот на закрепнување и реконструкција на земјата разурната од војна.

По средбите, прес-конференција како што налага протоколот. Пораките меѓу двајцата министри за надворешни изобилуваа со заедничка поддршка.

„Стоиме со Украина. Украина е суверена држава. Нејзиниот територијален интегритет мора да се почитува. Границите не можат да се менуваат со сила. А меѓународното право не може да биде прашање на избор кога неговото почитување не ни одговара”, изјави Муцунски.

Во рамките на посетата, министерот Муцунски оствари средба и со Олександр Корниенко, заменик- претседател на Врховната рада на Украина, а заедно со министерот Сибиха положија цвеќе пред ѕидот на сеќавањето на паднатите бранители на Украина.
