Експлозија во воена касарна во Боливија: Најмалку 2 загинати и 81 повреден

Најмалку две лица загинаа по експлозија во воена касарна во Боливија, но властите стравуваат дека бројот на жртвите може да биде и поголем.

  • 1 минута читање
Додај го Репер како претпочитан извор во

Боливискиот министер за одбрана Ернесто Хустинијано изјави дека најмалку 81 лице е повредено откако во касарната, каде што бил стациониран артилериски полк, околу 14:30 часот по локално време во петокот експлодирал „пиротехнички материјал“. Седум лица и понатаму се водат како исчезнати.

Здравствената службеничка Рита Небраска изјави за локалната телевизија дека се верува оти меѓу 10 и 15 лица загинале во инцидентот во Вијача, на околу 30 километри од Ла Паз, пренесува „Ројтерс“.

Полицијата соопшти дека во експлозијата биле оштетени десетици куќи, а спасувачките екипи го пребаруваат урнатините.

Небраска предупреди дека постои опасност од нова експлозија и ги повика граѓаните да се оддалечат најмалку 150 метри од воената база.

Претседателот на Боливија, Родриго Паз, изрази „најдлабока солидарност“ со семејствата на загинатите и повредените.

Тој на социјалните мрежи напиша дека ќе биде спроведена „темелна, техничка и транспарентна истрага“ за да се утврди што се случило.

Портпаролот на полицијата Роџер Рока изјави за агенцијата АФП дека во касарната биле складирани огномети и дека причината за експлозијата сè уште се истражува.

Најнови вести