30 дена притвор за возач вработен во СОЗР, барал мито од 1.500 евра

  • 2 минути читање
Додај го Репер како претпочитан извор во

Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал – Единицата за корупција при МВР до надлежен јавен обвинител од ОЈО за ГОКК поднесе кривична пријава против Д.Ц.(49) од Скопје, вработен во Службата за општи и заеднички работи при Владата на Република Северна Македонија. Тој се сомничи дека сторил кривично дело „Примање награда за противзаконито влијание“.

Единицата за корупција, во координација со надлежен јавен обвинител, постапила по претходно поднесена пријава од граѓанин, кој пријавил дека му биле побарани пари за посредување при вработување во Град Скопје. Според пријавата, Д.Ц. побарал парична награда во вкупен износ од 1.500 евра, од кои 500 евра како прва рата. Притоа, тој посочил дека познава лица кои можат да влијаат врз постапката за вработување.

На 04.09.2026 година, околу 17:50 часот, на подрачјето на Скопје, пријавителот му предал на Д.Ц. пет банкноти од по 100 евра, кои претходно биле криминалистичко-технички обработени. При извршената контрола во службеното возило на пријавениот биле пронајдени паричните средства, а одземен бил и мобилен телефон. Д.Ц. бил лишен од слобода.

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, постапувајќи по кривична пријава поднесена од Единицата за корупција при Бирото за јавна безбедност, донесе Наредба за спроведување истражна постапка против лице вработено во Службата за општи и заеднички работи на Владата.

Постапката е иницирана по пријава на граѓанин од кого осомничениот, во периодот од 24 јули до 4 септември 2026 година, побарал 1.500 евра за да го искористи своето претпоставено влијание. Осомничениот, кој работел како возач на висок владин функционер, му ветил на оштетениот дека ќе посредува кај службени лица во Град Скопје во врска со вработување по распишан оглас за прием на пожарникари.

Поради околности што укажуваат на опасност од бегство, можност осомничениот да влијае врз сведоците во постапката, како и околности што го оправдуваат стравувањето дека може да го повтори кривичното дело, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор. Судијата на претходна постапка го прифати предлогот на обвинителството и со решение на осомничениот му определи притвор во траење од 30 дена.

Најнови вести