Американските претставници Стив Виткоф и Џаред Кушнер се сретнаа во Киев со украинскиот претседател Володимир Зеленски. Главната порака на Вашингтон е јасна – преговорите со Русија треба да се обноват и да се направи дипломатски пробив пред почетокот на зимата.
Соединетите Американски Држави работат на „мировен пакет” за завршување на војната во Украина, изјави Џаред Кушнер по разговорите.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски ги оцени разговорите како „многу значајни“. Според него, двете страни разговарале за безбедносните и економските гаранции за Киев, планот за просперитет, испораката на ракети за воздушна одбрана и пакетот за зимска поддршка.
Во текот на денот беа одржани две рунди преговори меѓу украинската и американската делегација, по што следеше трет состанок со учество на европски претставници од Велика Британија, Франција и Германија.
Претходно, претставниците на САД одржаа тричасовна средба во Москва со рускиот претседател Владимир Путин.