Премиерот Мицкоски во САД бара финансии за проектот Чебрен и Галиште

Во интервју за агенцијата МИА премиерот Мицкоски истакнува дека Македонија е врвен приоритет на САД во регионот, дека во Македонија и во оваа Влада гледаат како на близок пријател и дека се разговарало за капитални проекти во енергетиката и инфраструктурата.

  • 2 минути читање
Додај го Репер како претпочитан извор во

Премиерот Христијан Мицкоски во интервјуто меѓудругото зборуваше за соработката со САД и администрацијата на Трамп, како и нивната политика кон Македонија.

Шефот на Владата вели дека посетата била искористена за средби со различни структури во Вашингтон, со тинк тенкови, финансиски корпорации, за уште еднаш да се потврди определбата и стратешкото партнерство со Соединетите Американски Држави. Меѓудругото Мицкоски најави дека било разговарано и за можно финансирање на Чебрен и Галиште.

„Она што мене ме радува е фактот дека апсолутно во Македонија и во оваа Влада, Соединетите Американски Држави и актуелната администрација на претседателот Трамп гледаат како на близок пријател, не само во регионот, туку и во Европа. Нивната поддршка кон нас останува непроменета не само кога станува збор за НАТО алијансата, туку и во делот на економијата и потенцијалните инвестиции кои што Соединетите Американски Држави ги имаат во Македонија. Тука посебно би го издвоил пристапот со ДФЦ, финансиската корпорација за развој, каде што имав средба со Каролајн Вик, која е практично одговорна за развој и инвестиции низ светот. Финансиското портфолио е околу 200 милијарди долари. Разговаравме за можно финансирање на Чебрен и Галиште, разговаравме и за друг тип инфраструктурни и енергетски, податочни инвестиции што би ги правела Владата, а исто така и за приватни инвестиции кои што би дошле од Америка во Македонија. Така што, кога сето ова би се изреализирало, јас не би дал суд за фокусот и низ која оптика регионот го гледа администрацијата на претседателот Трамп, туку повеќе би се задржал низ која оптика ја гледа Македонија. Мислам дека ја гледа низ најблиска оптика, дека сме врвен приоритет во регионот и ценам дека во години кои што следат од ова стратешко партнерство ќе се изнедрат многу капитални проекти кои што ќе имаат историско значење“.

„Таму се присутни во делот на ПД грантирање од пет милиони долари, за развој на проектот во Крстов Дол, во местото Луке, паланечко, но тоа е само почеток. Велам дека врз основа на оној разговор што го имав во ДФЦ со Каролајн Вик, интересот е огромен. Наша цел како Влада е да обезбедиме финансирање на проектот Чебрен и Галиште. Од нивна страна има интерес, истиот проект беше презентиран, задолживме канал за комуникација меѓу Владата и ДФЦ, и тоа е добро. Кога станува збор за стратешката и критичната инфраструктура, тука се гасоводите кои што ги градиме, тука се автопатите, Коридорот 8 и Коридорот 10-д и пругата која што ќе биде модернизирана, а е дел од Коридорот 10 и пругата која што ја градиме, а е дел од Коридорот 8“, додаде премиерот Мицкоски во интервјуто за МИА.

Најнови вести