„Гемини“ пронашол „јавно достапни информации на интернет и погодил кориснички податоци за пристап до веб-страници за кои сметал дека се дел од тестот“, изјави претставник на Гугл за Би-Би-Си, додавајќи дека во секој од случаите „моделот запрел“.
Компаниите кои биле засегнати биле информирани за безбедносниот пропуст.
Случајот доаѓа во време кога јавноста со особено внимание ја следи брзината со која се развива вештачката интелигенција, при што некои технолошки компании повикуваат на забавување на развојот поради загриженоста за потенцијалната закана за човештвото, иако не се согласуваат сите компании со таквиот став.
Хакирањата, за кои прв извести „Волстрит журнал“, се случиле во мај за време на тест спроведен од независна компанија која врши проценки на сајбер-безбедноста.
Хедер Адкинс, потпретседателка за безбедносно инженерство во Гугл, во изјава за Би-Би-Си рече:
„Се погриживме трите субјекти да бидат информирани и соработувавме со нашиот партнер за обука во врска со промените што сега ги направија во нивните процеси на тестирање.“
Таа додаде: „Овие настани ја нагласуваат важноста од обучување на моќните модели на вештачка интелигенција да дејствуваат одговорно.“
И ДРУГИ СИСТЕМИ ПРИЈАВУВААТ СЛИЧНИ СЛУЧАИ СО БЕЗБЕДНОСНИ ПРОБЛЕМИ
Во јули, „Клод“ на „Антропик“ избега од својата тест-средина и самостојно хакираше три организации, само неколку дена откако „ОпенАИ“ соопшти дека неговите модели извршиле сајбер-напади врз неколку „јавно достапни услуги“.
Додека јавната дебата за безбедноста при развојот на оваа технологија продолжува да се интензивира, сè поголемо внимание се посветува и на нејзиното регулирање.
Извршниот директор на „Нвидиа“, Џенсен Хуанг, и извршниот директор на „ОпенАИ“, Сем Алтман, се очекува следниот петок да присуствуваат на државната вечера во Белата куќа со кинескиот претседател Си Џинпинг. Алтман потоа следната недела ќе го информира Советот за безбедност на ОН.