Првата фабрика за хуманоидни роботи во Европа, на кинеската компанија Mинт, денеска официјално беше отворена во Шабац, а на свеченоста присуствуваше и претседателот на Србија, Александар Вучиќ.
Фабриката ја отворија претседателот Вучиќ и основачот на компанијата Mинт, Ќин Жунгхуа, откако заедно ставија сериска ознака на првиот робот произведен во фабриката во Шабац. Роботот „001“ му посака добредојде на претседателот и му порача дека од Србија ќе продолжи понатаму кон светот.
„Чест ми е што ве поздравувам. Можам да извршувам математички операции за само една секунда. Анализирам сè што се случува во мојата околина. Од Србија продолжуваме понатаму кон светот“, рече роботот.
Инвестицијата во првата фаза од роботската производствена база во Шабац изнесува 20 милиони евра, а се планира изградба на Индустриски парк за роботика, со вкупно планирана инвестиција од 200 милиони евра.
По завршувањето на проектот, планираниот годишен производствен капацитет ќе изнесува до 20.000 хуманоидни роботи и роботски кучиња, наменети за пазарите ширум Европа и светот. Највисокиот „full-size“ хуманоиден робот е висок 173 сантиметри и тежи 55 килограми, додека пониските роботи, односно „half-size“ хуманоидите, се високи 130 сантиметри и тежат 35 килограми.
И двата типа роботи можат да се движат со брзина од 2 метри во секунда. Интересно е што поголемиот робот може со секоја рака да носи товар до 5 килограми, додека помалиот може да носи до 3 килограми со секоја рака.
Од доаѓањето во Србија во 2018 година, Минт во земјата изгради вкупно 10 фабрики. Роботите со вградена вештачка интелигенција, кои влегуваат во сериско производство, се опремени со мултимодални системи за перцепција, додека на врвовите на прстите имаат интегрирани тактилни сензори и напредни сензорски технологии. Тоа овозможува прецизна контрола на силата, како и флексибилно фаќање и ракување со предмети.
Благодарение на алгоритмите за длабоко учење, засновани на вештачка интелигенција, роботите можат автономно да се приспособуваат на сложени средини и континуирано да ги подобруваат своите способности преку интелигентно учење.
Овие роботи постепено се воведуваат во индустриските процеси, вклучувајќи утовар и истовар на производните линии, транспорт и ракување со материјали, како и инспекциски работи.
На тој начин, тие можат ефикасно да преземат опасни и повторливи задачи, со значително зголемување на ефикасноста и безбедноста во паметното производство.