Русија рано утринава го нападна украинскиот главен град Киев со балистички ракети и беспилотни летала, при што загинаа две лица, од кои едното во паркинг-просторот на породилиште, кое исто така било оштетено, соопштија украинските власти.
Во последните месеци Русија ги засили воздушните напади врз Украина, користејќи поголем број побрзи беспилотни летала, кои потешко се пресретнуваат, и искористувајќи го недостигот од пресретнувачи во Украина за соборување на балистички ракети.
„Додека луѓето спиеја, блесоци од експлозиите го осветлуваа небото“, изјави претседателот Володимир Зеленски на апликацијата за пораки „Телеграм“.
„Повторно, главните цели на нивниот напад беа Киев и цивилната инфраструктура, станбени згради, породилиште, енергетската инфраструктура и логистиката.“
Ноќниот напад вклучувал неодреден број хиперсонични и балистички ракети, 282 беспилотни летала и друго оружје, соопшти украинското воздухопловство.
Во нападите биле повредени осум лица, соопштија властите. Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, додаде дека бил оштетен дел од фасадата на породилиштето, како и блискиот клиничко-дијагностички центар.
Зеленски изјави дека недоволниот притисок врз Москва ѝ овозможил да извршува повторени напади. Тој престојуваше во Њујорк за да присуствува на седница на Генералното собрание на ОН.
„Токму сега, САД имаат можност силно да одговорат“, додаде тој. „Потребни ни се пресретнувачи на балистички ракети за да ги заштитиме животите.“
Зеленски им изјави на новинарите дека имало три бранови балистички ракети, од кои околу 60 отсто биле соборени над Киев.
Низ градот одекнувале неколку експлозии, а полицијата соопшти дека, покрај породилиштето, во три градски окрузи биле оштетени девет домови, пошта, магацини и десетици автомобили.
Ноќниот напад следел по дневниот напад со беспилотни летала со млазни мотори, во кој загинале две лица, а повеќе од 40 биле повредени.
Руското Министерство за одбрана соопшти дека нејзините сили погодиле украински одбранбени објекти, логистички и телекомуникациски центри, како и пловни објекти што ги користи украинската војска.