Тој потенцира дека ова е договорено на средбата со амбасадорот на ОАЕ во Македонија, што се одржа токму денеска во Собранието.
“Она што сакам да го објавам после денешната средба со амбасадорот е дека имавме конкретна работа за која што зборувавме, а тоа е директно авионско поврзување помеѓу Македонија и Обединетите Арапски Емирати, што многу ќе придонесе за развојот на туризмот и на бизнисот помеѓу двете држави.
Се договоривме дека со почетокот на новата сезона на летање, односно од март месец 2027 година, ќе се лета директно од Дубаи за Скопје. Значи ќе имаме директен авионски лет којшто ќе лета Дубаи – Скопје. Тоа е веќе договорено и Flydubai ќе почне во март 2027 година, значи за некои 6 месеци од денес, да лета директно од Дубаи до Скопје, што многу ќе придонесе за зголемување на туризмот и тоа во оној период којшто во Македонија е вонсезонски, односно во период којшто е надвор од летото.
И втората работа којашто можам да кажам дека е сè уште во дискусија, би рекол дека е многу извесно дека ќе ја договориме, тоа е директен лет помеѓу еден од аеродромите во Обединетите Арапски Емирати, дали ќе е Абу Даби, дали ќе е Шарџа, до Охрид, што многу ќе придонесе за развојот на туризмот. Така што тоа се двете конкретни работи коишто ги договоривме денес” -потенцира Николоски.
Како што истакна, овие конкретни договори се резултат на владината посета на ОАЕ предводена од премиерот Мицкоски.
„На тие средби со премиерот Мицкоски и шеикот Мохамед бин Зајед, договоривме неколку значајни работи за меѓусебната соработка. Првата е веќе реализирана, тоа е безвизен режим, односно веќе помеѓу Македонија и Обединетите Арапски Емирати се патува без визи, што е многу значајно, особено во делот на туризмот и размена на бизнисот. Исто така разговараме за потенцијални инвестиции”, одговори Николоски.