Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска на свечена церемонија ја одликуваше светски реномираната научничка и истражувачка во областа на биохемијата, Светлана Мојсов, со Орден „8 Септември“, за нејзиниот извонреден и фундаментален придонес кон светската наука и афирмацијата на државата во меѓународните интелектуални кругови.
-На свечена церемонија денеска ја одликував Светлана Мојсов со Орден „8 Септември“ за извонредниот придонес во биохемијата како врвна светска научничка и истражувачка. Мојсов преплавена од емоции и со трепет во гласот, се заблагодари за укажаната чест. Истакнав дека иако судбината ја однела во САД, со гордост кажуваме дека е Македонка, родена во Скопје. Нејзиното потекло го потврдува принципот дека судбината и космичката мудрост никого не дискриминираат, па и на малите заедници им подаруваат големи луѓе. Со ова највисоко државно одликување – Орденот „8 Септември“ ѝ оддаваме признание и благодарност за нејзиниот фундаментален придонес кон развојот на македонската наука во светски рамки и кон македонската афирмација во највисоките меѓународни интелектуални кругови. Со своето научно дело и меѓународно признание, таа даде непроценлив придонес и нè задолжи засекогаш како држава, Сиљановска Давкова.