Во големата судница во Идризово денеска ќе се одржи ново рочиште за случајот за трагедијата во кочанската дискотеката „Пулс“, во која животот го загубија 63 лица, а над 200 беа повредени. Судењето влегува во нова фаза со изведување на доказите на одбраната, во чии рамки е предвидено сослушување на дури 244 сведоци.
На 14 септември заврши изведувањето на доказите на Јавното обвинителство. Во досегашниот тек на постапката се изведени 1.390 материјални докази, а сослушани се 45 сведоци и пет вешти лица.
Од почетокот на судскиот процес се одржани вкупно 49 рочишта, од кои 40 во текот на оваа година. До крајот на 2026 година се закажани уште 15 рочишта, информираа на брифинг со новинарите од Основниот кривичен суд Скопје.
Според планот на судот, последното рочиште за годинава е предвидено за 24 декември, по што процесот ќе продолжи во 2027 година.
Случајот се наоѓа во доказна постапка и го води судијката Дијана Груевска-Илиевска, додека обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители.
Првообвинетиот за кочанската трагедијата Дејан Јованов – Деко, во сабота излегува од притвор. Причина за тоа е истекувањето на максималниот законски рок од една година за задржување во притвор.
Основниот кривичен суд на 3 октомври треба да ги одреди новите мерки за обезбедување на неговото присуство за време на судењето. Иако не е законски задолжително, одбраната на Јованов најави дека ќе понуди имотна гаранција во вредност од околу 200 000 евра како уверение дека тој нема да побегне од државата. Документацијата за гаранцијата моментално е на мислење во Јавното обвинителство, по што Кривичниот суд ќе треба да ја донесе конечната одлука.