Случај

Како Ива Михаилова ја напушти државава?

  • 2 минути читање
Додај го Репер како претпочитан извор во

Ива Михаилова, жителка на Кочани со македонско и бугарско државјанство, на која и се суди во Кочани поради сообраќајка со смртни последици, ја напуштила земјава заедно со својот адвокат Николај Димитров и заминала за Бугарија. Ива Михаилова има судска мерка со која не смее да ја напушти Македонија.

Михаилова за бугарските медиуми тврди дека на излез од Македонија ја покажала македонската лична карта и дека без проблем ја поминала гранична контрола. Нејзиниот адвокат изјави дека службениците на македонската страна биле целосно свесни дека станува збор за Ива Михаилова.

Адвокатот Димитров е дециден, локалната полиција знаеле што се случува и повеќе луѓе во Македонија им помогнале. Не сакаше да каже на кој премин поминале, со образложение дека не сака да им создаде проблеми на луѓето од кои побарале помош.

Од МВР велат дека се извршени проверки во системот за гранична контрола на Министерството за внатрешни работи, при што е утврдено дека за наведеното лице нема евидентиран излез од територијата на Македонија, а за лицето, е во сила активна судска забрана.

Дополнително, велат од МВР, преку Заедничкиот контакт-центар со Република Бугарија, извршени се проверки и од страна на бугарската гранична полиција, од каде што е добиена информација дека за наведеното лице нема евидентиран легален влез на територијата на Република Бугарија.

Според податоците од граничните евиденции, лицето последен пат остварило влез во Република Бугарија во септември 2025 година, додека во октомври 2025 година е евидентиран негов излез од Република Бугарија, односно влез во Македонија.

Само четири дена претходно случајот беше на маса во Софија, на средбата меѓу шефот на македонската дипломатија Тимчо Муцунски и бугарската министерка за надворешни работи Велислава Петрова.

Бугарската страна претходно јавно бараше Михаилова да може да добие медицински третман во Бугарија. Македонската страна се согласи бугарски медицински експерти да дојдат во Македонија и да ја прегледаат.

Засега нема доказ дека постоел политички договор за Михаилова да ја напушти Македонија.

Најнови вести