Во изминатото деноноќие во државава се регистрирани 26 пожари на отворен простор, од кои два се активни, четири се ставени под контрола, а 20 се изгаснати, соопшти Центарот за управување со кризи.
Заклучно со 7:30 часот, активни се пожарите на потегот меѓу селата Копаница и Радуша во Општина Сарај, каде е зафатена нискостеблеста шума и ниска вегетација, како и пожарот во штипскиот регион меѓу селата Селце, Пухче, Степанци и Лакавица, каде гори ниска вегетација.
Под контрола се пожарите во реонот на селата Битово, Заград и Страјане во Општина Македонски Брод, каде беа зафатени нискостеблеста шума, вегетација, пасишта, како и пожарот на Градската депонија Острец во Делчево. Под контрола се ставени и пожарите кај селото Драгов Дол во Општина Македонски Брод и над селото Палиград во Општина Зелениково.