Најмалку 600.000 луѓе низ Украина во моментов се без електрична енергија по смртоносните руски ракетни напади и напади со дронови во текот на ноќта, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски, пренесува Би-Би-Си.
Тој изјави дека била погодена клучната енергетска инфраструктура во Киев и околниот регион, како и во североисточниот град Харков, и покрај тврдењето на американскиот претседател Доналд Трамп во неделата дека меѓу Русија и Украина е во сила „енергетско примирје“.
Во Киев загинале најмалку три лица, додека 21 лице е повредено, соопшти украинската Државна служба за вонредни состојби.
Министерството за одбрана на Русија соопшти дека во „масовните“ ноќни напади биле гаѓани комуникациски и енергетски објекти во Киевската и Харковската област, кои ги користи украинската војска.
Руското Министерство за одбрана, исто така, соопшти дека во текот на ноќта биле соборени 902 украински дрона над повеќе руски региони, вклучувајќи ги Москва и Крим, полуостров на југот на Украина што Русија го анектираше во 2014 година.
Украинското воено воздухопловство соопшти дека Русија во текот на ноќта лансирала 39 балистички и крстосувачки ракети и 128 дронови. Според нивните наводи, биле соборени четири ракети и 115 дронови.
Трамп во неделата на социјалните мрежи објави: „Веднаш стапува во сила ЕНЕРГЕТСКО ПРИМИРЈЕ во војната меѓу Русија и Украина. Двете страни се согласија. Не го прекршувајте!“
Зеленски оттогаш повеќепати изјави дека Украина е подготвена да ги запре нападите врз руските нафтени рафинерии и други енергетски објекти, доколку Москва го направи истото.
Меѓутоа, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека Украина не заслужува застој што би го донело примирјето. Во случај на каков било прекин на огнот, додаде тој, Европа би можела да „ја снабдува Украина со ново оружје“ за да ја продолжи војната.