Според податоците на Евростат, цените на недвижностите во Европската Унија се зголемиле за 60,5 проценти од 2010 година до вториот квартал од 2025 година, додека кириите пораснале за 28,8 насто.
Една од клучните причини што изминативе години купувањето недвижности стана потешко е јазот помеѓу растот на цените на становите и растот на приходите на домаќинствата.
Евростат нотира дека кириите исто така пораснале, но со различно темпо. Најголемо зголемување има во Естонија, Литванија, Унгарија и Ирска. Најголемо поскапување на становите е забележано во Унгарија, за 277 проценти, и во Естонија, со раст од 250 насто. Повеќе од двојно поскапи станови има и во Литванија, Латвија, Чешка, Португалија, Бугарија, Австрија, Луксембург, Словачка, Полска и Хрватска. Италија е единствената земја во ЕУ каде што цените во вториот квартал од 2025 година биле малку пониски отколку во 2010 година.
Европската комисија тврди дека зголемените трошоци за градежни материјали и земјиште, недостатокот на квалификувани работници, административни пречки и неефикасноста во градежниот сектор се главни фактори што ја ограничуваат понудата.
Од страната на побарувачката, покрај приходите и условите за кредитирање, влијание имаат урбанизацијата, демографските промени, промените во структурата на домаќинствата, краткорочните туристички закупи.
Потешкотиите во наоѓањето прифатлив стан беа објавени и во податоците за тоа кога младите луѓе од Европа го напуштаат домот на родителите. Сепак, овој показател не треба да се гледа како директна мерка за кризата со домувањето, бидејќи врз него влијаат и семејните навики, образованието, вработувањето и социјалните норми.
Според податоците на Евростат објавени во септември 2025 година, младите луѓе во Европската Унија го напуштиле домот на своите родители во 2024 година на просечна возраст од 26,2 години.