Излезноста на предвремените локални избори во општина Брвеница до 15 часот изнесува 31,17 проценти, правото на глас го оствариле 5.064 граѓани, информираше Државната изборна комисија.
Според податоците од сите 24 избирачки места во општината, гласањето се одвива непречено.
Од ДИК информираат и дека до моментот на пресекот во 15 часот биле поднесени вкупно седум приговори, од кои два се усвоени, по што на избирачите им било овозможено да го остварат своето право на глас.
Во Избирачкиот список во десетте населени места во Брвеница се запишани 16.256 избирачи од кои 449 се на привремена работа во странство.
Од комисијата информираат дека за граѓаните со право на глас во Брвеница е достапна бесплатната телефонска линија 0800 555 44, на која можат да добијат информации поврзани со остварувањето на избирачкото право.
За лицата со оштетен слух е достапен и телефонскиот број 076 488 360, преку кој со видео повик можат да добијат информации на знаковен јазик.
Од Државната изборна комисија најавија дека следното информирање за текот на гласањето и излезноста ќе биде во 18:30 часот, со податоци од пресекот направен до 18 часот.