Министерството за внатрешни работи бележи подобрување во најновото истражување на Фондацијата „Метаморфозис“ – „Процена на доброто владеење на извршната власт во Северна Македонија и регионот преку Индекс на отвореност 2026“.
Истражувањето е спроведено според мерењето за 2025 година. Според објавените резултати, МВР има 75,90% исполнетост на индикаторите за отвореност, што претставува зголемување во однос на претходното мерење, кога резултатот изнесувал 73,3%.
Особено се издвојуваат резултатите во неколку важни области:
– 100% исполнетост на индикаторите за интегритет, област што опфаќа механизми за етичко однесување, спречување судир на интереси и институционална одговорност.
– 100% исполнетост на индикаторите за ефикасност – поврзани со стратегиското планирање, известувањето и следењето на институционалното работење.
– 75,90% вкупна отвореност, резултат со кој Министерството за Внатрешни Работи е на второто место меѓу министерствата опфатени со истражувањето.
Дополнително, во областа на транспарентноста МВР има 72,46% исполнетост на индикаторите, што го вбројува меѓу министерствата со повисоки резултати во оваа категорија.
Од Министерството за внатрешни работи велат дека резултатите се потврда за посветеноста на раководството кон градење поотворена, поотчетна и потранспарентна институција.
,,Борбата против криминалот и корупцијата не подразбира само одлучно постапување на полицијата, туку и одговорно, чесно и транспарентно работење на самото Министерство. Продолжуваме со истата посветеност – за институција во која граѓаните ќе имаат доверба, а законите и одговорноста ќе важат подеднакво за сите”, велат во МВР.