НАТО ги активираше борбените авиони од мисијата за воздушно патролирање над
Балтикот, откако Летонија прогласи потенцијална воздушна закана во источниот дел на земјата, во близина на границата со Русија.
Летонските вооружени сили соопштија дека заедно со сојузниците од НАТО ја следеле воздушната ситуација и дополнително ги зајакнале капацитетите за противвоздушна одбрана долж источната граница.
И Естонските одбранбени сили ноќеска издадоа предупредување за можна воздушна закана откако дронови влегле во воздушниот простор на земјата.
Според естонската војска, неколку дронови се движеле долж источната граница, а дел од нив влегле во естонскиот воздушен простор.
Турски борбени авиони, што учествуваат во мисијата на НАТО за патролирање на воздушниот простор на балтичките земји, биле подигнати во воздух за да ги пребаруваат дроновите.
Ова не е прв ваков случај годинава. Во мај два дрона се урнаа на територијата на Летонија, а трет минал низ нејзиниот воздушен простор. Во јуни, пак, сојузнички ловци соборија беспилотно летало над регионот Латгале.