Шестото издание на воздухопловно- едукативниот саем „Скопје ер фер 2026″ (Skopje air fair 2026), денеска од 11 часот во Градскиот парк во Скопје, во реонот на „Вембли“.
Организатор на настанот е Здружението за подобро воздухопловство „Авикон“. Оттаму посочуваат дека саемот е единствен од ваков тип во регионот и претставува можност младите одблизу да се запознаат со можностите за образование и кариера во Воздухопловството.
Посетителите ќе имаат можност одблизу да видат хеликоптер на Хеликоптерската единица „Јастреби“ на Министерството за внатрешни работи, како и да разговараат со претставници на воздухопловни компании, образовни институции, аероклубови и професионални здруженија од земјава и од странство.
На саемот ќе учествуваат:
ТАВ Македонија,„Виз ер”, Европскиот авијациски институт (European Aviation Institute) од Романија, Воздухопловната академија од Белград, Глобал евиејшн (Global Aviation) од Грција, Глобал Меинтенанс (Global Maintenance) од Бугарија, Здружението на контролори на летање, Здружението на воздухопловни метеоролози, Воздухопловната федерација на Македонија, Аероклуб Скопје, Дирекцијата за заштита и спасување, Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ и други организации и
компании од областа.