„Сите избирачки одбори во земјата започнаа со работа. Нема ниту едно неотворено избирачко место. Во некои избирачки одбори има замена на членови, но станува збор за поединечни случаи – во областите Бургас, Видин, Враца, Велико Трново, Габрово, Ќустендил и Ловеч. Во Русе, Смолјан и Софиската област има по двајца членови кои не се појавиле, а вакви случаи има и во Стара Загора, Хасково и Шумен. Некои од овие членови не се појавиле од здравствени причини, а не поради несовесност. Само за три избирачки места во земјата имаме информации дека преминале на гласање со хартиени гласачки ливчиња – во Јамбол, Хасково и Русе“, изјави портпаролката на Централната изборна комисија (ЦИК), Стојанка Балова.
Таа појасни дека засега нема информации за поднесени жалби и пријави. Гласањето во странство, исто така, се одвива мирно и нормално. Први своето избирачко право го остварија Бугарите во Окленд, Нов Зеланд.
Изборниот ден во странство ќе заврши во 17:00 часот по бугарско време, во понеделник, на 26 октомври.
Последни своето право на глас ќе го остварат бугарските државјани во САД – во Калифорнија и Невада.
Надвор од земјата се отворени вкупно 613 избирачки места во 60 држави. Најмногу ги има во Обединетото Кралство – 82, во Турција – 78, во Германија – 70, во Шпанија – 67 и во САД – 44.
Право на глас на денешните избори имаат 6.590.000 бугарски државјани, од кои 46.001 за првпат ќе излезат на гласање. Вкупниот број избирачки одбори изнесува 12.683.
Стојанка Балова посочи дека во случај на технички проблеми со машините за гласање, помош ќе обезбедува специјализираниот центар за техничка поддршка на компанијата „Сиела Норма“.
На 3.068 избирачки места во земјата и во странство ќе се гласа со хартиени гласачки ливчиња.
За лицата со оштетен вид се обезбедени специјални тактилни шаблони. Гласањето со придружник е дозволено само во случај на здравствени проблеми, но не и поради неписменост.
Тактилните шаблони се достапни само на избирачките места каде што се гласа со хартиени ливчиња. Тоа значи дека на избирачките места каде што се гласа со машини, единствената можност за лицата со потешкотии е гласање со придружник.
„Се забранува јавно објавување, во каква било форма, на резултати од испитувања на јавното мислење пред завршувањето на изборниот ден. Потсетуваме дека на денот на изборите е забранета предизборната агитација.“
Официјалните резултати, како и имињата на новоизбраниот претседател и потпретседател или на кандидатите кои ќе учествуваат во вториот изборен круг, ќе бидат објавени од ЦИК во рок од 48 часа по завршувањето на изборниот ден.
Избирачите можат да ја користат и мобилната апликација „Избори 360°“, преку која можат да проверат на кое избирачко место се запишани во избирачкиот список.