АФД победи на изборите во Мекленбург-Западна Померанија, Левица во Берлин, тежок пораз за Мерц

На покраинските парламентарни избори кои се одржаа вчера во Германија, Алтернативата за Германија (АфД) победи во Мекленбург-Западна Померанија со освоени 38,2 отсто од гласовите, додека Левица победи во Берлин со 25,7 отсто, пренесуваат германските медиуми.

  • 2 минути читање
Додај го Репер како претпочитан извор во

Според прелиминарните официјални резултати објавени по полноќ, Христијанско-демократската унија (ЦДУ) за првпат во историјата остана без места во парламентот на покраината Мекленбург-Западна Померанија, бидејќи на изборите освои 4,9 отсто од гласовите и остана под изборниот праг од пет отсто. Во меѓувреме, АфД стана најсилната партија во покраината, пренесува „Билд“.

Мерц го нарече изборниот резултат во Мекленбург-Западна Померанија „катастрофа“, оценувајќи ги резултатите како „тешки“, со порака дека се неопходни реформи.

Тој исто така презеде одговорност и порача дека има намера да продолжи да ги извршува функциите канцелар и претседател на ЦДУ.

Социјалдемократската партија (СПД) во Мекленбург-Западна Померанија освои 35,5 отсто од гласовите, Левицата 6,5, а Зелените 5,7 отсто, додека БСВ со 4,8 и Слободните демократи (ФДП) со еден отсто од гласовите останаа без места во покраинскиот парламент.

СПД, предводена од покраинската премиерка Мануела Швезиг, според резултатите, таму може да формира влада со Левицата и Зелените.

На изборите во Берлин, кои исто така се одржаа вчера, победи Левицата со 25,7 отсто од гласовите, што е повеќе од двојно подобар резултат за оваа партија во споредба со претходните избори.

ЦДУ во таа покраина освои 18,8 отсто од гласовите и го зазеде второто место, додека АфД со 16,3 отсто, Зелените со 14,3 и СПД со 12,1 отсто исто така освоија места во парламентот.

БСВ остана под изборниот праг со 4,7 отсто, додека ФДП оствари уште послаб резултат.

Во Мекленбург-Западна Померанија, АфД ја предводеше Лајф-Ерик Холм, додека СПД ја предводеше Швезиг.

Најнови вести