Мери е дипломиран економист по бизнис-администрација во Прага, со кариера изградена во меѓународната В2В индустрија за настани. Професионалното искуство го стекнува работејќи во Прага, Мексико и во Лондон, а пред пет години се приклучува на ТВМ Group како партнер и генерален директор за маркетинг. Нејзиниот ентузијазам за технологијата произлегува од љубопитноста кон тоа како иновациите го менуваат начинот на кој живееме, работиме и создаваме бизнис. Токму спојот на технологијата, луѓето и новите идеи ја инспирира да се насочи кон создавање технолошки настани што отвораат нови перспективи и можности.
РЕПЕР: Вештачката интелегенција полека но сигурно станува дел од нашето секојдневие. Како дел од TBM group, пред 2 години организиравте Al Tech Summit во Скопје, лани во Малага, годинава во Белград. Колку за овие 3 години се променија технолошките текови?
МЕРИ КОКОТОВА ТВМ Group: За само три години промената е навистина огромна. Кога го организиравме првиот AI Tech Summit 2023 во Скопје, голем дел од разговорите сè уште беа насочени кон потенцијалот на вештачката интелигенција – што ќе може да направи, кои индустрии ќе ги трансформира и како компаниите треба да се подготват.
Денес веќе не зборуваме за потенцијал, туку за примена. Вештачката интелигенција од тема резервирана за технолошките компании стана дел од секојдневното работење на компании од речиси секоја индустрија – од маркетинг и финансии, до производство, здравство и образование.
Тоа го гледаме многу јасно и преку самиот AI Tech Summit. Од Скопје, преку Малага, до Белград, се менуваат и прашањата што ги поставува публиката. Пред три години прашањето беше: „Што може AI?“. Денес многу почесто е: „Како да го примениме, како да измериме реална вредност и како да останеме конкурентни?“
За мене, токму тоа е можеби најголемата промена – AI повеќе не се перципира како технологија на иднината. Тој веќе е дел од сегашноста, а следната голема поделба нема да биде меѓу технолошки и нетехнолошки компании, туку меѓу оние кои научиле паметно да ја користат оваа технологија и оние кои допрва треба да го направат тоа.

РЕПЕР: Ги донесовте во регионот почитуваните членови- говорници и лидери од компании како Microsoft, NVIDIA, HTEC Group, Google, IBM, Accenture, EnergyAI, AWS, Siemens, Novartis, колкав е интересот на Западен Балкан за нови знаења?
МЕРИ КОКОТОВА ТВМ Group: Интересот на Западен Балкан е навистина голем и расте од година на година. Она што е особено позитивно е што публиката повеќе не доаѓа само да слушне што е ново во AI, туку бара конкретни знаења – како технологијата да ја примени во својот бизнис и професија.
Фактот што успеваме да донесеме лидери и експерти од компании како Microsoft, NVIDIA, Google, IBM, AWS, Siemens и други, покажува дека и глобалната технолошка заедница го препознава потенцијалот на регионот.
Западен Балкан можеби е помал пазар, но има многу талент, амбиција и желба да биде дел од глобалните технолошки текови. Нашата цел со AI Tech Summit е токму тоа – светското знаење да го направиме достапно во регионот и истовремено регионот да го поврземе со светот.

РЕПЕР: Al Tech Summit нуди учење, дебата и професионално поврзување меѓу различни сектори и региони. Дали интересот е поголем кај индустриите – компаниите или кај физичките лица?
МЕРИ КОКОТОВА ТВМ Group: Во моментов, компаниите се тие што побрзо ја препознаваат потребата да инвестираат во AI знаење, бидејќи веќе ја чувствуваат неговата важност за продуктивноста и конкурентноста. Но, гледаме дека и кај поединците интересот забрзано расте. Сè повеќе професионалци сфаќаат дека AI писменоста веќе не е само предност, туку станува неопходна вештина за иднината.
РЕПЕР: Дали како групација и организатори на ВИ-Самити сметате дека земјава прави доволно и ги следи современите текови? Дали се потребни повеќе вакви настани и едукација за ВИ?
МЕРИ КОКОТОВА ТВМ Group: Секако дека има простор да се направи повеќе, особено во делот на едукацијата и подигнувањето на свеста за можностите што ги носи AI. Како TBM Group организираме околу 40 меѓународни настани годишно низ светот, но AI Tech Summit во Скопје имаше и една поинаква, лична димензија за нас. Тројца од четворицата партнери во групацијата сме Македонци и сакавме дел од она што го градиме глобално да го донесеме и дома.
Нашата идеја беше да донесеме меѓународни експерти и знаење директно во Македонија и на тој начин да придонесеме за поголема свест, едукација и поврзување со глобалните технолошки текови. Токму затоа сметам дека ни се потребни повеќе вакви иницијативи.

РЕПЕР: Некои технолошки гиганти од САД повикаа на забавување на развојот на ВИ, дали на самитот во Белград компаниите го допреа ова прашање поврзано со ризиците што ги носи ВИ.
МЕРИ КОКОТОВА ТВМ Group: Да, ризиците и одговорната употреба на AI беа важен дел од дискусиите. Денес веќе не е доволно да зборуваме само за тоа што може вештачката интелигенција, туку и каде треба да поставиме граници и како да обезбедиме безбедна и етичка примена.
Она што е јасно е дека развојот тешко може едноставно да се запре. Затоа фокусот сè повеќе се става на одговорност, регулација и едукација – односно како да ги искористиме придобивките од AI, а истовремено свесно да управуваме со ризиците.
РЕПЕР: Видовме роботи, слушнавме за имплементација на ВИ во банки, спортски терени, човечки ресурси, медицина, образование, дали вистински ВИ ќе ни ја преземе работата?
МЕРИ КОКОТОВА ТВМ Group: Не верувам дека AI едноставно ќе ни ги „преземе“ работните места, но сигурно ќе ги промени. Одредени задачи ќе се автоматизираат, ќе се појават нови професии, а постојните ќе бараат нови вештини.
Мислам дека поголемото прашање не е дали AI ќе го замени човекот, туку дали човек кој знае да работи со AI ќе има предност пред оној кој не знае. И токму затоа едукацијата денес е толку важна.

РЕПЕР: Што е следно од ТBM group?
МЕРИ КОКОТОВА ТВМ Group: Како TBM Group, ќе продолжиме да ги препознаваме глобалните трендови во различни индустрии и околу нив да градиме заедници каде луѓето можат отворено да разменуваат знаење, да се поврзуваат и да создаваат нови соработки.
Во исто време, ќе ја продолжиме традицијата што ја започнавме во 2023 година со AI Tech Summit. Скопје и Белград ќе останат особено важни за нас ќе продолжиме да ги градиме, бидејќи имаме силна желба глобалното знаење, експертиза и контакти до кои имаме пристап да ги донесеме во нашиот регион и со тоа да бидеме дел од промената што сакаме да ја видиме тука.