Жителите на Копенхаген ја поздравија веста за договор меѓу САД, Данска и Гренланд, со која ќе се зајакне американското воено присуство на арктичкиот остров, а воедно ќе остане под данска контрола. Данците со олеснување ја пречекаа одлуката по месеци неизвесност, но остануваат низа отворени прашања за тоа, што значи ваквиот договор?
Американскиот претседател Доналд Трамп го објави договорот на САД со Данска и Гренланд во петокот, велејќи дека тој ќе им даде на Соединетите Држави „трајна контрола врз безбедноста и сите други потреби на Гренланд.“
„Договорот не претставува никаков трошок за САД и ќе им овозможи да го направат она што е неопходно за да се обезбеди и одбрани безбедноста на Гренланд. Договорот вклучува одредба според која ниту еден противник на САД не може да одржува воено присуство на Гренланд, ниту, пак, да прави инвестиции на Гренланд без наше писмено одобрение“, рече Трамп.
Од канцеларијата на данската премиерка, Мете Фредериксен, изјавија дека договорот ќе биде потпишан од сите три влади следната недела за време на Генералното собрание на Обединетите нации, но се уште е потребна парламентарна акција од данската и гренландската влада пред да може да се спроведе.
Заканите на Трамп ја разнишаа довербата
Данската влада е претпазлив оптимист по месеци закани од претседателот на САД, дека ќе ја заземе полуавтономната територија на сојузникот на НАТО. Врвните лидери на арктичкиот остров го повторија истиот став и рекоа дека договорот, кој се уште не е објавен, доаѓа доцна. Американските, Гренландските и данските претставници тивко преговараа со месеци, барајќи решенија за некои од безбедносните загрижености на Трамп за територијата на околу 56.000 жители.
Брза одлука пред среднорочните избори во САД
Со објавувањето на договорот, Доналд Трамп може да се пофали со достигнување во надворешната политика пред среднорочните избори во Соединетите Американски Држави. Шефот на Белата Куќа
изјави дека договорот ќе им даде на САД „трајна контрола врз безбедноста и сите други потреби на Гренланд, целосно решавајќи ги сите бројни загрижености на САД.“
Дали навистина има потреба од нов договор за Гренланд?
Данска и САД веќе имаат долгогодишен безбедносен договор што им овозможува на САД да распоредат сили на Гренланд, и не е јасно како овој договор би се разликувал. САД држеа неколку бази и инсталации на Гренланд за време на Студената војна, пред да го намалат своето присуство. Се уште управуваат со оддалечената вселенска база Питуфик во северозападен Гренланд, изградена откако САД и Данска го потпишаа Договорот за одбрана на Гренланд во 1951 година. Базата поддржува операции за предупредување од ракети, ракетна одбрана и вселенски надзор за САД и НАТО.
“Има многу работи што се случуваат таму од воена гледна точка. Имаме активност на арктичката стража, што е огромна обврска за НАТО. Земете в предвид дека НАТО има три крила за кои треба да се грижи, северното крило, источното крило и јужното крило”, изјави Адмирал Џузепе Каво Драгоне, претседател на воениот комитет на НАТО.
Доналд Трамп и територијалните идеи
Откако Доналд Трамп се врати во Белата Куќа постојано велеше дека сака да го преземе арктичкиот остров. Данска и Гренланд постојано велеа дека островот не е на продажба и ги осудија извештаите за собирање разузнавачки информации од страна на САД. Воениот комитет на НАТО вчера ја дискутираше заканата што ја претставува Русија на состанок во Копенхаген. Данскиот министер за одбрана, Јепе Брус Кристенсен, ја истакна потребата од подготовка, велејќи дека сите се свесни оти безбедносната ситуација се влошува.
„Русија ја гради својата војска, и тоа не со опремата од Студената војна што ја донесе во Украина, туку со балистички ракети и револуционерни технологии. Русија продолжува со своите неодговорни напади врз Украина, таргетирајќи цивили од критичната инфраструктура во близина на територијата на НАТО, а Русија ги ескалира своите хибридни напади. Го видовме тоа минатата недела дури и овде во Данска. Времето е од суштинско значење. Мораме да се подготвиме за најлошите исходи за да можеме да се бориме вечерва, како што вели Безбедноста, и да ги одвратиме заканите преку нашиот сојуз”, истакна данскиот министер за одбрана, Јепе Брус Кристенсен.
Шефови на држави и влади ЕУ изминатата недела се собраа на состанок во Финска во градот Рованиеми, за зајакнување на присуството на Унијата на Арктикот. Европската комисија ја презентираше новата стратегија за Арктикот во документ, кој во иднина ќе ги дефинира главните насоки на Брисел за дејствување во регионот во наредните години.