Во Брвеница денеска се одржуваат предвремени избори на кои жителите ќе гласаат за избор на нов градоначалник, откако на 23 јуни годинава почина дотогашниот прв човек на општината, Јовица Илиевски, на 58-годишна возраст.
Во трката за нов градоначалник на Општина Брвеница се шестмина кандидати.
Избирачките места се отвораат во 7 часот и се гласа до 19:00 часот. Во Избирачкиот список во десетте населени места во Брвеница се запишани 16.256 избирачи од кои 449 се на привремена работа во странство.
Вчера гласаа болните и изнемоштени лица, како и затворениците и лицата што издржуваат мерка притвор. Од Државната изборна Комисија информираа дека гласањето на овие лица се спроведувало во три казнено-поправни установи на територијата на државава, и тоа во градовите Скопје, Штип и Тетово.
Според податоците на Државната изборна комисија, од вкупно регистрирани 88 болни или немоќни, своето право на глас го остварили 85 лица. Од вкупно девет лица запишани во Избирачкиот список, а се на издржување на казна затвор или притвор, своето право на глас го оствариле седуммина.