Европската Унија би можела да се соочи со најтешката зима во последните четири години поради рекордните цени на енергијата и можните проблеми со снабдувањето. Меѓу факторите што влијаат врз енергетската ситуација, се војната на Блискиот Исток и последиците од политиката на Европската Унија кон Русија.
Европскиот комесар за енергетика и домување, Ден Јоргенсен, објави дека ЕУ разгледува мерки за ублажување на кризата. Поради тешкото снабдување со нафта и гас на европскиот пазар, се очекува да се зголеми и побарувачката и потрошувачката на електрична енергија, за што преносната мрежа е клучна.
Ниските водостои на реките, како што е Дунав, во одредени периоди го отежнуваат функционирањето на капацитетите зависни од вода. Цела Европа беше погодена од суша и значително помало производство на хидроенергија. На пазарот, производството од хидроенергија е најмало поради недостатокот на вода. Сончевите електрани продолжуваат да играат значајна улога.
Зелената енергија бележи постојан раст, но континентот се уште се соочува со предизвици околу складирањето на вишоците електрична енергија добиена
од сонце и ветер.
Цените на електричната енергија во моментов се високи во споредба со изминатата година. Преку ден тие се движат од околу сто до сто дваесет евра за мегават-час на берзата, додека во вечерните часови достигнуваат четиристотини до петстотини евра за мегават-час. Електраните на гас, работат токму поради високите цени во тие шпиц часови, бидејќи тие се диктирани од цената.
Цената на природниот гас се дуплираше во последните два месеци поради обновените тензии меѓу САД и Иран, достигнувајќи тригодишен максимум во Велика Британија и Европската Унија. Во постудените месеци, веројатен е понатамошен раст на цените. Недостатокот на складирани залихи на гас дополнително ја влошува ситуацијата.
Европа влегува во зимата со најниско ниво на залихи на гас за повеќе од една деценија, откако нарушувањето на Ормускиот теснец ги спречи земјите да ги надополнат резервите во текот на летото,кога цените обично се пониски.
Како еден од најголемите потрошувачи на гас во Европа, Велика Британија може да биде особено ранлива со оглед на тоа што е меѓу земјите со најмал домашен капацитет за складирање и наместо тоа се потпира на увоз преку цевководи од Европа и танкери од САД и Блискиот Исток. Германија има најголем капацитет за складирање во Европа и ги наполни само половина своите складишта и е на пат да не ја достигне официјалната цел од 70 проценти оваа година.