Денеска УХМР најавува температури кои ќе се искачат до 30 степен. Но, веќе од четврток следува значителна промена на времето. Сè повеќе ќе зајакнува силен циклон од Џеновскиот Залив, кој најпрво на подрачјата долж Јадранот ќе донесе обилни врнежи, поројни дождови и грмежи.
Најобилни врнежи ќе има во северниот дел на Јадранот, а потоа и во Далмација. Бранот ќе се шири кон црногорското крајбрежје со можни силни грмежни, невреме проследено со град, силен ветер и силни електрични празнења.
Локално може да наврнат од 100 до 200 литри дожд на квадратен метар, а во одделни места и повеќе. Поради тоа постои опасност од урбани поплави, надојдени порои и одрони.
Постепено бранот ќе навлегува и во внатрешноста на Балканот. Промената на времето ќе стигне и до Србија, а врнежлив период се очекува и во Македонија.
Во Македонија, во четврток утрото ќе биде постудено, но во текот на денот ќе преовладува сончево време со мала до умерена облачност.
Од петок и за време на викендот, ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд, кои наместа ќе бидат пообилни.
Локално врнежите во Македонија ќе бидат поројни и проследени со ретки грмежи. Утринските температури ќе бидат во пораст, додека дневните температури нема значително да се менуваат.
Од недела, во поголемиот дел од регионот се очекува постепено стабилизирање на времето, а од понеделник и во Македонија ќе следува стабилизација. На почетокот на следната седмица се очекуваат повеќе сончеви периоди и температури над 20 степени.