Претседателот на СДСМ, Венко Филипче со нови критики овој пат за образовниот процес и демографската слика на Македонија. Првиот училишен ден го нарече еден од потажните бидејќи според него поразителни се бројките. Како што истакна 3.000 помалку првачиња, 433 паралелки помалку и 26 затворени училишта.
„3.000 деца помалку, 3.000 семејства. Што се случило со тие луѓе? Сигурно не е тоа резултат само на демографските движења, тие луѓе едноставно се иселиле. Зошто? Поради тоа што не ја гледаат иднината во земјава. Гледаат дека нема мерки, дека ништо не се случува, дека нема напредок, дека нема добри економски политики, дека нема поддршка за граѓаните, посебно за младите брачни парови и нормално луѓето си ја гледаат и иднината надвор од земјава“, рече Филипче.
Претседателот на СДСМ обвинува дека ваквата состојба е последица и на сè потешкиот животен стандард, растот на трошоците, отсуството на мерки за поддршка на граѓаните и изолацијата на земјата поради како што рече, криминалните политики на власта.
ФИЛИПЧЕ: ИСЕЛУВАЊЕТО ПОСЛЕДИЦА НА ЛОШИТЕ ЕКОНОМСКИ ПОЛИТИКИ НА ВЛАСТА
Не изостана и критика за економските политики на власта кои според социјалдемократите имаат директна улога во иселувањето.
„Укажувавме повеќе пати за лошите политики на оваа Влада, за жал никаков фидбек, никаков интерес. Зголемени горива за повеќе од 20% од почетокот на кризата. Никаква мерка за ниту една категорија на граѓани. Ако потрошувачката кошничка за година и пол дена пораснала за некаде близу 10.000 денари, била 60.000 денари, сега е скоро 70.000. Ако на тоа се додадат и трошоци како кирија или кредит станбен, таа потрошувачка кошничка изнесува близу 90.000 денари. Оваа власт не сакаше минималната плата да ја зголеми на 600 евра. И нормално дека луѓето ќе си се иселуваат, нормално дека ќе вадат бугарски пасоши, нормално дека нема да ја гледаат иднината и својата, и на своите деца овде кај нас, зашто да враќаат долгови на оваа ненародна криминална власт, која сакаат да живеат во развиен свет. Кој сака да живее таму каде што има систем, а не вака авторитарна власт предводена од Христијан Мицкоски, којашто го блокираше европскиот пат на земјата целосно“, потенцираше Венко Филипче.
Пратеничката група на СДСМ повторно ќе поднесе предлог закон до Собранието за минималецот да се зголеми на 600 евра, со субвенционирање на придонесите за приватните компании за разликата од зголемувањето.