Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на трибината „За достоинствен живот и подобра иднина на сите генерации“, во организација на Општинската организација на СДСМ Аеродром, предупреди на алармантната состојбата со буџетската дупка во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување. Филипче посочи дека дупката во Фондот за ПИОМ за две години е двојно зголемена и достигна една милијарда евра, со што власта ја става во ризик исплатата на пензиите, соопштија од
партијата.
„Дупката во Пензискиот фонд, која за две години е дуплирана, од 500 милиони евра, сега е милијарда евра, милијарда евра фалат за да се исплатат пензиите. Ги нема во Пензискиот фонд. Треба да ги даде државата. Кога економијата не работи, од каде ќе ги најде парите? Од заеми“, рече Филипче.
Тој додаде дека и дефицитот во централниот Буџет континуирано се продлабочува, а едиснтвен извор за да може Буџетот да ги сервисира обврските ќе бидат скапите задолжувања, со што власта свесно ја турка државата во уште подлабока економска криза.
„Единствен извор на средства се само скапи заеми, скапи заеми со кои што ќе се пополнуваат дупките во Буџетот, за да се дадат плати, за да се дадат пензии. Никако скапи заеми кои што ќе придонесат за некаков раст на економијата. И ние одиме се повеќе и повеќе во дупка. Ризикуваме да завршиме со економска криза како Грција пред неколку децении. Тоа е неминовноста. И тоа го укажуваат економистите“, рече Филипче.