Фон дер Лајен доаѓа во Скопје

  • 2 минути читање
Додај го Репер како претпочитан извор во

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен ќе биде во посета на Западен Балкан од 30 септември до 2 октомври. Скопје е една од трите станици на турнејата, заедно со Тирана, Приштина и Подгорица. Предвидени се средби со шефови на држави и влади, како и посети на проекти финансирани од Европската унија.

Според портпаролката на Европската Комисија, Паула Пињо, разговорите ќе се фокусираат на следните чекори на регионот кон пристапување во ЕУ и на напредокот во постепената интеграција, поддржана преку Планот за раст за Западен Балкан.

Планот за раст за Западен Балкан располага со шест милијарди евра за периодот 2024-2027 година, од кои две милијарди се грантови, а четири милијарди поволни заеми. До јули годинава земјата има добиено 142,1 милион евра преку Инструментот за реформи и раст.

За отворање на првиот преговарачки кластер останува условот за усвојување на уставните измени предвидени со заклучоците на Советот на ЕУ од јули 2022 година.

Фон дер Лајен последен пат беше во Скопје во октомври 2025 година, кога порача дека токму уставната промена е следниот чекор пред отворањето на првиот кластер, а Планот за раст треба паралелно да ја приближува земјата до Европската унија.

Посетите на Србија и Босна и Херцеговина засега се оставени за подоцнежен термин поради изборите во двете земји. Во Босна и Херцеговина општите избори се закажани за 4 октомври, само два дена по завршувањето на турнејата на Фон дер Лајен. Во Србија, пак, на 25 октомври ќе се одржат предвремени парламентарни избори.

Најнови вести