(ФОТОГАЛЕРИЈА) Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова го отвори 47. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“

  • 2 минути читање
Додај го Репер како претпочитан извор во

Битола блесна во полн сјај. Со свеченост отворено 47. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“.

Вечерва, во својство на покровителка, Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ја врачи наградата „Златна камера 300“ на годинашниот лауреат, данскиот кинематографер, Дан Лаустсен.

Споделувањето филмски искуства и водењето уметнички дијалог со светски познатите кинематографери, волшебници на и зад камерата, е недовршена книга на засега исткаени 46 приказни, чуени и видени во Битола, градот на татковците на кинематографското ткаење, првите балкански филмски сниматели, браќата Јанаки и Милтон Манаки, порача шефицата на државата.

„Овогодишното мото на Фестивалот „Ткајачи на филм“ е исклучително силна метафора, оти филмот се ткае од светлина и сенка, од боја и движење, од звук и тишина, од вулкански емоции, оригинални идеи и моќни визии, од минатото, сегашноста и иднината, од традицијата и иновацијата, од искуството на големите мајстори и храброста на новите генерации. Наша должност е да го поддржиме, сочуваме и продолжиме ова драгоцено наследство, создавајќи услови новите генерации уметници слободно да творат, експериментираат, поставуваат смели прашања и храбро да ги поместуваат хоризонтите на можностите. И покрај молскавичните промени, дигиталната поплава и модерните визуелни технологии, човекот и неговата емоција остануваат најважните ткајачи на филмските приказни, како што бабите се највештите ткајачки на килими и шехерезади. Нека Теона, Тамара, Дина, Косара и Марија поттикнат други авторски таленти и гласови во филмската ткајачка фабрика, нека искуството и мудроста се сретнат со младоста и непослушноста, нека блесне светлата страна на Балканот, Европа и светот и нека помогне во протерувањето на темната! Нека нишката што ја започнаа браќата Манаки продолжи да се ткае и ткае, со знаење, вештина, храброст и вечна љубов кон уметноста“, рече во обраќањето Сиљановска-Давкова.

Најнови вести