Гаши: Убеден сум дека нема да има предвремени избори

  • 3 минути читање
Додај го Репер како претпочитан извор во

На следната координативна седница во понеделник, претседателот на Собранието Африм Гаши најави дека тој или некој од координаторите ќе го отвори прашањето за анкетната комисија за Кочани, Ласкарци, Модуларната болница и Беса Транс. Гаши ова го најави на денешниот брифинг со новинарите, одговарајќи на прашање поврзано со барањата на родителите на загинатите во дискотеката „Пулс“ за формирање на анкетната комисија.

Во Собранието има две анкетни комисии, една која ја води Димитар Апасиев од Левица и од чија работа нема заклучоци и друга која ги опфаќа трагедијата во Кочани и другите несреќи како пожарот во Модуларната болница, Ласкарци и Беса транс и за која СДСМ се уште нема делегирано членови и не може да се формира.

– Не можам јас да ја формирам комисијата. Има Деловник во којшто е пропишано како и кој може да ја формира. Ние сме дале неколку пати одговор. Нема промена. Некои од пратеничките групи ги дале предлозите. Тие треба да одлучат за анкетната комисија. Како Кабинет и како служба сме одговориле експедитивно и навреме. Се што било доставено до нас, ние сме препратиле на претседателите на комисиите така што погрешна е адресата. Јас ќе направам се да профункционира Собранието и секоја иницијатива која е поднесена до Собрание сме ја разгледале со најголема сериозност особено за ваквите случаи кои се најчуствителни и сите имаме поинакво чуство и сме повнимателни од секаков аспект и од човечки и од политички – рече Гаши.

Според него, некој сака да си игра со емоциите на родителите и дека тој не може да се меша во одлуките на партиите. Гаши рече дека работи според Уставот, законите и Деловникот на Собранието. Одби да ја коментира последната одлука на Врховниот суд за Ласкарци, но рече дека од човечки аспект него го интересира само вистината и правдата. – Без разлика кој се огрешил треба да одговара пред закон и нема никаква припадност ниту политичка, ниту етничка, ниту партиска…, рече Гаши.

Претседателот на Собранието денеска рече дека е убеден дека нема да има предвремени избори. На прашањето на што се должи ова негово убедување имајќи ги предвид изјавите што деновиве се пласираат во јавноста, Гаши рече дека тоа е резултат на неговата „политичка интуиција“.

Информирајќи за денешната редовна координација со првите луѓе на пратеничките групи во Собранието, Гаши рече дека претставникот на Левица го отворил прашањето за Изборниот законик поради изнесените ставови во однос предвремените избори. Претседателот на Собранието рече дека е добро да се разговара и дека на средбата нагласил дека доколку има подготвеност работната група во Собранието и координаторите да ги продолжат разговорите за Изборниот законик.

Во однос на законот за правичната застапеност кој е заглавен во Собранието поради блокада на бадентерот и ДУИ, Гаши рече дека има комуникација со лидерите, но негираше дека меѓу нив е и Али Ахмети, претседателот на ДУИ. – Моја работа е Собранието да се откочи, да ги носиме законот – рече претседателот на Собранието.

Претседателот на Собранието најави дека наскоро ќе биде свикана седница на Комисијата за надворешна политика на која новите амбасадори ќе ги презентираат своите приоритети.

На координативната средба било побарано на седница на Влада да се разгледа прашањето за неприсуството на одредени министри на седниците за поставување опозициски и пратенички прашања. Исто така, побарано било преместување на датумот на седницата за поставување пратенички прашања, поради најава дека премиерот на 24 септември ќе биде во Њујорк на Генералното собрание на ОН.

Гаши исто така информираше дека утре треба да продолжи 12. пленарна седница, како и дека ќе бидат закажани и продолженија на 73, 94 и 100-та собраниска седица.

Најнови вести