Илјадници граѓани излегоа на улиците на повеќе градови во Европа, во знак на револт против високите трошоци за живот, растот на цените на гориво, како и недостигот на достапно домување.
Синдикалната конфедерација на Португалија ги повика граѓаните на протести под слоганот: „Повисоки плати, подобри пензии и јавни услуги. Против растот на трошоците за живот. Нов курс за Португалија!” Митинзи се одржаа во Порто, Коимбра и Лисабон.
Голем дел од демонстрациите во Италија и Франција прераснаа во насилни судири со полицијата
Италијанската полиција исто така вчера интервенираше против демонстрантите во Милано, откако чуварите на редот биле нападнати со камења и други предмети. На плоштадот Дуомо, пред познатата катедрала полицијата употреби солзавец и водени топови за да ги растера насобраните. Немири избувнаа и во Болоња и Торино. Според италијанските медиуми, во инцидентите има повредени и уапсени.
Поддршка за протестите во Албанија
За време на протестите во Милано, дел од демонстрантите носеле албански знамиња. Групи млади луѓе со покриени лица, изразувале поддршка за протестите што истовремено се одржуваат и во албанската престолнина.
Европската унија и натаму без договор за буџетот
Лидерите на Европската Унија изминатава недела одржаа самит во Брисел, но не успејаа да постигнат политички договор за следниот долгорочен буџет на Унијата за периодот 2028-2034. Европскиот совет го задолжи претседателот Антонио Кошта да ги продолжи преговорите, со цел да се најде компромис пред крајот на 2026 година.
Европската комисија уште во јули 2025. година предложи долгорочен буџет од речиси два трилиона евра, односно околу 1,26 проценти од просечниот бруто-национален доход на ЕУ.
Предлогот на Комисијата треба да обезбеди повеќе средства и поголема флексибилност за конкурентност, безбедност, одбрана, миграција, земјоделство и надворешна политика.
Сепак, речиси секоја голема европска држава бара повеќе пари, додека земјите членки имаат различни интереси околу тоа колку голем треба да биде заедничкиот буџет, од каде треба да доаѓаат приходите и кои политики треба да имаат предност.