Грција ги забрани социјалните мрежи за деца помлади од 15 години

  • 2 минути читање
Додај го Репер како претпочитан извор во

Грција е уште една земја што воведува забрана за користење на социјалните мрежи за деца помлади од 15 години. Грчкиот парламент усвои закон со кој се ограничува пристапот на малолетниците до овие платформи, а новите правила треба да стапат во сила на 1 јануари 2027 година, пренесува Танјуг, повикувајќи се на грчките медиуми.

Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис изјави дека платформите имаат два и пол месеца да осмислат начин за проверка на возраста на корисниците, притоа обезбедувајќи заштита на нивната приватност.

Законот предвидува минимална старосна граница од 15 години за пристап до услугите на социјалните мрежи. Мерката е дел од пошироките напори за заштита на децата од ризиците во дигиталната средина, пренесува грчкиот јавен радиодифузер ЕРТ.

Проверка на возраста без нарушување на приватноста

Едно од клучните прашања е како да се осигури дека корисниците ја исполнуваат пропишаната старосна граница, без притоа да се собираат повеќе лични податоци отколку што е неопходно.

Предлог-законот не наложува користење конкретна апликација, туку предвидува примена на соодветни, сигурни и пропорционални решенија за проверка на возраста.

Грција е меѓу седумте земји членки на Европската Унија кои, заедно со Европската комисија, бараат решение за проверка на возраста на корисниците на интернет.

Борба против бескрајното скролање

Законот е донесен во услови на сè поголема загриженост за влијанието на социјалните мрежи врз здравјето и безбедноста на децата.

Грчките власти ја истакнуваат потребата од поддршка за родителите во справувањето со таканареченото „бескрајно скролање“, кое може да им го наруши сонот, концентрацијата и времето поминато со пријателите.

Австралија минатата година стана првата земја што донесе закон за ограничување на користењето социјални мрежи кај малолетниците.

И Франција презеде слични чекори, но, според првичниот извештај, францускиот Уставен совет во август годинава поништил сличен закон.

Со новата мерка, Грција се приклучува кон сè пошироката дебата во Европа за тоа како да се заштитат децата на интернет, а истовремено да се зачуваат нивната приватност и правата во дигиталниот простор.

Најнови вести