Владата во Хрватска донесе нов пакет законски измени кои се во собраниска процедура и со кои за првпат се воведува доживотен затвор. Се дефинираат нови кривични дела против животната средина, екоцид и злоупотреба на животни, и драстично се заоструваат казните.
Министерот за правда и администрација, Дамир Хабијан го презентираше Предлог-законот за измени и дополнувања на Кривичниот законик, со цел дополнително да се подобри заштитата на општеството.
Со предложените измени се предвидува од први јануари 2027 година, за првпат во системот на кривична правда да постои опција за изрекување доживотна казна затвор за 15 најтешки кривични дела за кои во моментов е пропишана долгогодишна казна затвор.
Хрватскиот закон формално не го признава терминот „доживотен затвор“, но најстрогата санкција е дефинирана како долгогодишна затворска казна. Таа е изречена само во неколку ретки, најсериозни случаи. Затоа некои правни експерти сметаат дека станува збор за козметички промени.
Според премиерот Андреј Пленковиќ, на овој начин може да се реагира на реалните околности со кои, како општество се соочуваат.
Предвидени се и посебни одредби за лица со висок ризик кои ја издржале целата затворска казна, но не им е одобрен условен отпуст. Станува збор за лица за кои мерките за ресоцијализација и рехабилитација не биле ефикасни и кои, дури и по издржувањето на казната, имаат индикатори што укажуваат на голема веројатност од повторување на кривично дело.
Новина е и воведувањето на ново кривично дело против животната средина, екоцид, кое ќе се однесува на сериозни форми на кривични дела против животната средина кои имаат катастрофални, долготрајни и неповратни последици за воздухот, водата, почвата и екосистемот.
Најсериозните дела на загадување на животната средина се казнуваат со минимум 10 години затвор, па се до долгорочна и доживотна казна затвор, што е уште потешко од она што е пропишано со европската директива. Ова кривично дело исто така не подлежи на застарување, со оглед на тоа што може да помине значително време помеѓу извршувањето на одредено дело и откривањето на неговите последици.
Со измените дополнително се зајакнува заштитата на животните. Се воведуваат две нови кривични дела, сексуална експлоатација на животни и неовластено вршење ветеринарни активности, предвидени се значително построги казни и за постојните кривични дела.
Казнате би биле од шест месеци до пет години затвор, или од една до осум години, за квалификувана форма сторена од себични причини. Кривичното дело убивање или мачење животни е предефинирано на таков начин што дури и едно единствено дело претставува карактеристики на кривично дело.