Заблагодарувајќи се за признанието, Плевнеш сподели, за него два важни историски моменти, дека пред 35 години во печат излегол првиот независен дневен весник којшто опстојал 163 дена, а чиј иницијатор меѓу другите бил и тој. Воедно, потсети дека во 1991 година била изведена првата македонска драма „Еригон“ на европската сцена, во Франција.
Раде Силјан се одликува за неговите вредни достигнувања во македонската литература и култура и пошироко, како врвен автор и преведувач, и за особениот придонес во издавачката дејност.
„Ова одликување го примам и како признание дека македонското слово учествува во градењето на државата. Таквата чест не ми издига над другите, туку ме задолжува пред нив. Песната, критиката и издаваштвото за мене се една служба. Словото да се создава, да се помислува и да стигне до читателот“, рече Силјан примајќи го орденот.
Џеват Гега постхумно се одликува за неговиот особен придонес во албанологијата, како и за успешната професорска работа.
„Верувам дека мојот татко би бил особено трогнат што неговиот живот, посветеност и дело се паметат и вреднуваат“, истакна неговиот син Арбен Гега, кој го прими признанието.
Мето Јовановски се одликува постхумно за исклучителните остварувања во театарската и филмска уметност како актер и режисер.
Во негово име, орденот го прими неговата ќерка Леполдина Јовановска која изрази голема благодарност за признанието.
Глигор Чемерски се одликува за извонредниот придонес во ликовната уметност и култура како светски афирмиран уметник и творец на монументални дела.
Орденот ѝ беше врачен на неговата сопруга Рајна Чемерска која истакна дека преставува посебна чест што признанието се доделува токму во просторот што го красат неговите мозаици, и иако тој не е физички присутен, неговото дело е.
Според неа, вистинската вредност на едно творештво се препознава во неговата способност да остане живо и тогаш кога авторот повеќе не е меѓу нас, да отвора нови прашања, да поттикнува нови читања и да продолжува да зборува со идните генерации.
„Денешното одликување е и чин за паметење“, рече Сиљановска-Давкова, честитајќи им на Јордан Плевнеш и Раде Силјан, како и на најблиските роднини на починатите Џеват Гега, Мето Јовановски и Глигор Чемерски, чии живот и творештво остануваат неразделен дел од македонската културна меморија.
Претседателката во својот говор истакна дека петтемината творци кои денес се одликувани, за жал, некои задоцнето, односно постхумно, чии дела се изразуваат на различен јазик на творење: книжевниот збор, научното знаење, врвниот превод, сценскиот израз, и јазикот на потегот на сликарската четка, но коишто заедно се вреден и жив дел од нашата културна меморија и наследство. Смета оти нема посоодветен ден од 8 Септември за да им оддадеме признание на петмината творци кои, секој на свој начин и во својата област, вградиле скапоцено камче во македонскиот културен мозаик, збогатувајќи го со дела што остануваат да живеат и по нивната, а ќе живеат и по нашата смрт!.
Таа се осврна на нивниот голем и вреден опус.
„Петтемина добитници на Орденот „8 Септември“ зад себе оставија дела што не се ограничени на еден жанр, една сцена, една книга или едно време. Тие создаваа, истражуваа, преведуваа, играа и сликаа, но зад сите тие различни облици на творештво останува нешто заедничко: трага што не исчезнува со завршувањето на едно дело, туку продолжува да живее преку оние што го читаат, гледаат, изучуваат и паметат“, рече Сиљановска-Давкова.
Додаде дека денешното одликување е чин што секогаш ќе го памети.
„На Јордан Плевнеш и Раде Силјан им го честитам Орденот „8 Септември“, а со особена почит се сеќаваме на Џеват Гега, Мето Јовановски и Глигор Чемерски, чии живот и творештво остануваат неразделен дел од нашата културна меморија.“