Љупчо Пецов – Ѓаволот призна вина и доби две години условна казна

Пецов беше опфатен во кривична постапка поврзана со случајот „Синџир“, а неговото име подоцна се појави и во постапката против поранешниот државен правобранител Фехми Стафа.

  • 1 минута читање
Додај го Репер како претпочитан извор во

Љупчо Пецов – Ѓаволот е правосилно осуден на две години затвор, но казната нема да се изврши доколку во наредните пет години не стори ново кривично дело. Покрај условната затворска казна, на Пецов му е изречена и парична казна од 8.000 евра.

Пресудата е донесена откако Љупчо Пецов признал вина на 24 август 2026 година, а бидејќи ниту една од странките не поднела жалба, таа стана правосилна на 21 септември.

Пецов беше опфатен во кривична постапка поврзана со случајот „Синџир“, а неговото име подоцна се појави и во постапката против поранешниот државен правобранител Фехми Стафа.

Стафа се товари дека побарал 100.000 евра, а примил 50.000 евра, со ветување дека ќе посредува за определување поблага мерка за Пецов, кој во тој период бил во бегство. Стафа неодамна призна вина и доби затворска казна од една година и три месеци.

Во врска со случајот „Синџир“, на 22 септември на граничниот премин „Свети Наум” беше лишен од слобода и битолскиот бизнисмен Стојан Чифлигароски, кој се бараше со централна потерниц по наредба на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.

Во одвоена постапка се гони и судијата Ѓоко Ристов. Обвинителството соопшти дека во истрагата против него биле пронајдени 350.000 евра во ѕид во кујната во домот на неговите родители во Неготино.

Најнови вести