реакции за заштитеното културно наследство

МАКЕДОНИУМ ОТСТАПЕН ЗА 500 ЕВРА: Мицкоски бара разрешување на директорот и членовите на Управниот одбор

„Македониумот“, кој е заштитено културно наследство на државата, за сума од 500 евра бил отстапен на продукцијата на косовскиот рапер Дон Џони за снимање на делови од спотот за неговата песна „Секси мама“.

  • 2 минути читање
Додај го Репер како претпочитан извор во

Им се извинувам на граѓаните поради пропустот, ќе се трудиме во иднина такво нешто да не се случи. Уште денеска ќе побарам и членовите на Управниот одбор и директорот на институцијата да бидат разрешени.

Ова го истакна премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање во врска со снимањето на спотот „Секси мама“ од страна на косовскиот рапер Дон Џони во внатрешноста на споменикот „Македониум“ во Крушево.

– Ги следев сите реакции. Навистина тоа што се случило таму е нешто што не требало да се случи. Ќе побарам од министерот за култура да биде разрешен директорот на таа институција, заедно со Управниот одбор, зашто таков тип институции не треба да бидат изнајмувани и користени за такви намени, додаде Мицкоски.

Претходно министерот за култура и туризам Седат Сулејмани, истакна дека директорите треба да внимаваат кога изнајмуваат објекти и треба да знаат какви програми ќе се одржуваат и со каква содржина.

На прес конференција во владиниот прес-центар, министерот Сулејмани посочи дека за овој проблем Министерството е во процес на собирање информации.

-Јас како министер за култура и туризам, односно ние како Министерство сме надлежни да ги браниме сите артисти и сите културни работници. Пред себе имаме еден случај кој навистина е чувствителен, но ќе видиме со правните служби како ќе може понатаму или со некоја законска измена да дејствуваме, бидејќи во овој момент има законско право за изнајмување, но директорите треба да внимаваат кога изнајмуваат објекти, треба да знаат какви програми ќе се одржуваат и со каква содржина. Проблемот е нов, снимано е порано, а јас сеуште немам детални информации и сме во процес за да го решиме проблемот. Ќе обезбедам дополнителни информации и ќе видиме што понатаму, одговори министерот Сулејмани на новинарско прашање за снимањето на спот во крушевскиот „Македониум“.

„Македониумот“, кој е заштитено културно наследство на државата, за сума од 500 евра бил отстапен на продукцијата на косовскиот рапер Дон Џони за снимање на делови од спотот за неговата песна „Секси мама“.

Најнови вести