Еврокомесарката Марта Кос престојува во работна посета на Бугарија и присуствува на Самитот во Софија посветен на Коридорот 8, а ќе оствари и средба со Румен Радев.
Денеска сме тука да работиме за подобри врски за луѓето од утрешнината, изјави европската комесарка за проширување Марта Кос пред почетокот на Меѓународната министерска конференција за Коридорот 8 во Софија, пренесе БГНЕС.
Кос истакна дека Бугарија претставува порта кон Европа за регионот на Црното Море и Турција, додека Западен Балкан има значајна улога во поврзувањето на регионот.
Таа посочи дека во регионот во моментов се реализираат повеќе од 130 проекти, меѓу кои изградба на патишта и железници, како и унапредување на граничните премини.
„Но, мојата визија како комесарка за проширување оди многу подалеку. Мојата визија е дека еден ден целиот Западен Балкан ќе биде дел од нашата Европа – рече Кос.
Според неа, со интеграцијата на регионот во ЕУ, граничните премини и транспортните врски за кои денес се разговара ќе имаат поинакво значење.
„Ќе бидеме една Европа – Европа што работи заедно. Тоа е визијата кон која работиме во Брисел, тука во Софија, на Западен Балкан и, секако, во земјите-членки “ додаде комесарката за проширување и добрососедска политика.