Премиерот Христијан Мицкоски ги демантираше тврдењата на бугарските медиуми за наводно регуларно преминување на границата на бегалката Ива Михајлова и нејзиниот адвокат. Според премиерот, и адвокатот на осомничената, кој според него е личност со сомнително минато, влегол легално во Македонија на 28 септември и она што го изјавува за бугарските медиуми не е вистина.
Премиерот ги отфрли тврдењата за наводен договор меѓу Скопје и Софија и ја повика бугарската страна веднаш да ги врати Михајлова и нејзиниот татко.
„Апсолутно е невистина тоа што го емитуваа бугарските медиуми, дека заедно со нејзиниот адвокат поминале на регуларен граничен премин и дека биле поздравувани. Тоа е лага. Последен пат откако имаме евидентирано, а е потврдено и од бугарската страна, е дека адвокатот влегол на 28 септември, а не е точно тоа што тој го тврдеше. Иако станува збор за личност со сомнително минато, сакам овие работи да ги знае јавноста”, изјави премиерот Мицкоски.
Шефот на владата ги критикуваше властите во Бугарија за начинот на кој се однесуваат во овој скандал.
„Жалам што политичкото водство во Бугарија се обидува на овој начин да покаже политички мускули, а не ја сфаќа штетата што самото си ја прави на меѓународен план. Тоа е нивна одлука. Тие избрале ваква политика“, рече премиерот Христијан Мицкоски.
Премиерот нагласи дека Бугарија си прави сериозна штета со тоа што ги прибира лицата осудени или обвинети во Македонија и им нуди заштита, а од нив прави естрадни ѕвезди.