влада

Мицкоски: Македонија останува посветена на европскиот пат и на зајакнувањето на партнерствата со европските лидери

  • 4 минути читање
Додај го Репер како претпочитан извор во

Премиерот Христијан Мицкоски по Самитот на Берлинскиот процес во Црна Гора изјави дека биле испратени силни пораки и од канцеларот Мерц и од канцеларот Штокер, којшто ќе биде копретседавач на следниот Самит којшто ќе се случи во делот на Берлинскиот процес. Вели дека и останатите присутни на работниот дел од состанокот ја потврдиле желбата, иницијативата, но и приоритетите дека Западен Балкан треба да биде дел од Европа и треба тоа да се случи многу бргу.

„Она коешто за нас како држава претставува важност е фактот дека ние веќе имаме усогласена надворешна и одбранбена политика со Европската Унија, дека сме многу напред во испорака кога станува збор за реформската агенда, дека буквално сѐ што се бара од нас, а е поврзано со принципот по испорака да се оценува напредокот, ние тоа го правиме и го испорачуваме. Очекувам – тоа и го кажав во работниот дел – очекувам сето ова за коешто зборувам да биде во многу скоро време валоризирано и да се даде шанса конечно да можеме да отпочнеме со процесот на преговори. Исто така, истакнав дека постепеното или градуално интегрирање претставува шанса и можност за сите нас, но тоа никако не смее да биде замена за полноправното членство во рамките на Европската Унија“.

Премиерот информираше дека остварил неколку билатерални средби на кои се разговарало за состојбата во Македонија, но и за енергетската криза.

„Но, исто така она коешто морам да го кажам, а не можам да го исклучам од генералниот тек на оперативниот, односно на работниот дел од самиот самит, е предизвикот којшто денеска се случува насекаде во светот – посебно, би рекол, историската енергетска криза којашто во многу нешта влијае денеска да ни се случуваат немири во неколку главни градови во Европа, па и кај нас во регионот, но исто така и војната во Украина. Практично живееме во атмосфера на тивка Трета светска војна којашто ќе донесе големи предизвици врз човештвото. Она коешто беше кажано од страна на неколку од соговорниците коишто имаат, би рекол условно кажано, можеби повеќе информации од тоа што јас го имам, а тоа се високи претставници на самата Европска Унија, е дека следните две години ќе бидат исклучително, исклучително предизвикувачки и тешки и треба да се води многу внимателна грижа за она што подразбира трошење, но и за она што подразбира државна одговорност“, додаде Мицкоски

За Уставните измени шефот на Владата вели дека тие секогаш ќе потсетуваат, на како што рече, капитулантската политика на претходната влада на СДСМ и ДУИ, односно на тоа што тие го прифатиле.

„И понекогаш се чудам кога ќе слушнам високи функционери од поранешната влада, посебно од СДСМ, коишто велат: „Добро, ние бевме влада, сега вие сте влада, до каде сте со европската интеграција и европскиот процес?“ Вие бевте влада, ни оставивте товар тежок еден тон на грбот којшто ние треба сега да го носиме и да го исправаме, и тие очекуваат дека ние преку ноќ тоа што со децении било создавано, а тие го распродадоа, преку ноќ ќе го исправиме и ќе го вратиме во некој нормален тек. Тоа така не оди, треба време. Ние се бориме, нема да отстапиме од борбата за македонските национални интереси, но исто така нема да отстапиме ниту од нашата стратешка цел да бидеме дел од европското семејство, онаму каде што припаѓаме. И за таа цел, за да ги видиме вистинските намери и цели на сите стекхолдери во процесот, ние велиме: добро, предуслов за сѐ, дури и утре да се случи промена на Уставот, е ајде најпрвин да го договориме акцискиот план за малцинствата, во којшто 26 земји-членки јасно велат дека немаат проблем, а една земја-членка вели дека има проблем. Ајде ние со таа земја-членка да седнеме и да договориме, да видиме, да го направиме тој документ да биде прифатлив за сите 27 земји-членки, па потоа во втора фаза да зборуваме што е тоа што ние како Влада го очекуваме, а што е тоа што треба ние како Влада да го испорачаме. Бидејќи овој документ, акцискиот план за малцинствата, е документ којшто е предуслов за да продолжиме во процесот на преговори. Така што ги отфрлам сите оние тези од опозицијата: „Добро, тие не се сега власт, ние сме“. Да, точно, ама кога бевте власт толку ја ограбивте и ја пониживте државата што ние во овие два-три-четири месеци не можеме сето тоа да го повратиме. Да, повративме дел од тоа, повраќаме, се бориме, жилави сме, упорни сме и ќе продолжиме да се бориме. Но сѐ тоа што тие го распродадоа, испокрадоа и уништија, ние за жал во овие два-три-четири месеци не можеме да го надоместиме. Но, она коешто за нас е цел – а тоа е она коешто го повторувам многу пати во моите изјави досега – е дека денеска Македонија е многу подобро место за живеење од тоа што беше пред три години, и тоа во услови на епска светска криза кога голем дел од државите во светот се борат за да преживеат“,изјави премиерот Христијан Мицкоски.

Најнови вести