Премиерот Мицкоски коментирајќи ги најновите податоци на Евростат кои се однесуваат на пресметките за цената на храната и пијалоците во Македонија, вели дека земјава има убедливо најниски цени во регионот и според него со тоа паѓаат во вода сите тези досега пласирани од синдикалните здруженија за кои рече дека делуваат како опозициски коалициони партнери.
„Убедливо најниски во регионот со што паѓаат во вода сите тези на оние злонамерници кои, изминатиот период ширеа лаги и дезинформации, мислам на оние синдикалци кои се практично опозициски коалициони партнери и со тоа паѓа во вода таа нивна теза. Се разбира дека сите проблеми не се решени, треба многу од проблемите да се решаваат, бидејќи тоа што се случувало повеќе од 30 години ние не можеме за две години да го решиме, но голем дел од проблемите се решени или се во процес на решавање. Ние како Влада работевме на консолидирање на инфлацијата и затоа денеска како држава и посебно во третиот квартал, имаме најниска стапка на инфлација во регионот убедливо најниска, а можеби и во Европа. Порано не убедуваа дека инфлацијата е увезена, а кога имавме двојно поголема од просечната во Европската унија, а сега кога имаме за 25 до 30 проценти пониска од таа во ЕУ ги нема тие што не убедуваа, скриени некаде, молчат и се обидуваат како лешинари со лаги, конструкции, измислици да нанесат политичка штета но видоа што во Брвеница се случи, еве губат 4 спрема“, изјави Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање.
Како ќе влијае американскиот увоз на руската нафта во земјава, премиерот дециден оти Македонија е под импакт на случувањата на светските берзи, но како што рече факт е дека Владата за разлика од сите во Европа најмалку зафаќа во делот на ДДВ и акцизите и затоа денеска граѓаните имаат најниски цени на горивата.
„Веќе имаме држави во Европа каде дизел горивото и безоловниот се продаваат за над 3 евра по литар, а кај нас се под 1,6 евроценти за литар и најниска цена во Европа и ќе продолжиме со таа политика. Сложена е состојбата за жал во светот, се наоѓаме во екот на најголемата енергетска криза што човештвото ја памети и се наоѓаме на линијата на фронтот на невидливата тивка Трета светска војна сега за сега се справуваме одлично, до крајот на годината сме со обезбедени количини за сите видови на гориво, а наредната година не очекувам поголеми турбуленции“, рече Мицкоски.
На владина седница денес треба да се носи одлука за горивата, се поизвесно е дека ќе се постигне договор со Окта и цените на дериватите ќе се намалат за дополнителни два денари.
Според Мицкоски нема да има покачување на цената на струјата.