8 Септември е повеќе од празник, земјата во следните децении мора да направи чекор од преживување кон успех, истакна премиерот Христијан Мицкоски, обраќајќи се по повод 35-годишнината од независноста на Македонија на свеченоста под мотото „Силно светнал ден!”
,,Имаше години што ги изгубивме. Можности што ги пропуштивме. Имаше генерации кои очекуваа повеќе од нас, а добија помалку. Се донесоа болни одлуки, и направија тешки отстапки. Се смени знаме, устав, име. Премногу луѓе заминаа затоа што не видоа простор во својата земја да го остварат она што го знаат и можат. Премногу чесни луѓе гледаа како пред нив поминуваат оние со подобри врски, со поголема политичка заштита или со помалку совест. Вредните, тивките, и способните луѓе, оние на чии рамена всушност стои секоја држава, останаа невидливи“, изјави шефот на влдата, Христијан Мицкоски.
Премиерот зборуваше и за потребата младите да останат во земјата, како и за создавање општество во кое знаењето, трудот и чесноста ќе бидат вреднувани. Тој упати порака да се запре со практиката функцијата да се доживува како привилегија, државата како плен, а народните пари како сопствена каса.
„Нашата борба е да создадеме земја во која едно дете, без разлика каде е родено и колку пари имаат неговите родители, ќе може со знаење и труд да стигне до врвот“, рече Мицкоски.
Премиерот Мицкоски се осврна на
постигнатите резултати и пропуштените
можности и нагласи дека нашата национална амбиција во следните триесет и пет години не смее да биде само да опстоиме.