ИДЕАЛИ ШТО ГРАДАТ ИДНИНА

Мицкоски: Доста беше од поделби и изговори време е за големи одлуки, големи дела и нова национална самодоверба 

  • 3 минути читање
Додај го Репер како претпочитан извор во

Премиерот Христијан Мицкоски се обрати на Свечената академија на Спомен Костурницата во Куманово под слоганот „Идеали што градат иднина“ каде се одбележа 85 годишнината од народното востание и празникот 11 Октомври.

Најголемата борба на нашата генерација е борбата за иднината на децата, мора да изградиме иднина во која младите нема да избираат меѓу татковината и својата иднина, посочува шефот на Владата.

И затоа денес, кога ги наведнуваме главите пред нивната жртва, истакна премиерот, имаме обврска да поставиме едно многу сериозно прашање.

-Дали ние, генерацијата која ја наследи нивната слобода, сме подготвени со истата решителност да ја изградиме иднината на татковината? Дали сме подготвени да ги надминеме поделбите, да се соочиме со сопствените слабости, да ја промениме државата таму каде што промените се најтешки? Дали сме подготвени да одиме по потешкиот, но исправен пат. Да веруваме во себе, не на туѓите зборови, да се трошиме себеси, за заедничката иднина. И дали сме подготвени да оставиме зад себе татковина посилна од онаа што ја наследивме? Мојот одговор е јасен и недвосмислен – Да! Да! Подготвени сме. Иако не сите од политичкиот спектар, иако не сите веруваат, а има и такви, од историјата и денес кои работат против, но ние сме подготвени. И само што сме подготвени. Ние го немаме правото да не успееме. Затоа што нашата татковина е поголема од секоја политичка генерација, порача Мицкоски.

Премиерот Мицкоски зборуваше и за европската иднина на земјата и спорот со Бугарија потенцирајќи дека  за отвореното прашање со источниот сосед не бараме светот да се прилагодува на нас туку да бидеме третирани со иста почит со која ние ги третираме останатите.

„Нема да ја градиме иднината врз омраза, нема да дозволиме минатото да биде пречка за соработка, но нема да се откажеме од сопственото достоинство. Вистинското пријателство е темели врз взаемна почит“ потенцираше Мицкоски.

Премиерот се осврна и на економските политики и како што рече целта на оваа Влада е до крајот на мандатот да се приближиме до просечна плата од 1000 евра. Полека но сигурно вели напорниот труд даваа резултати, а економскиот раст се претвора во поквалитетен живот, за што ги спореди бројките за економски раст и инфлацијата со земјите од соседството.

Државата, рече тој, е поголема приказна „од сите кусогледни и лични интереси“.

-Затоа што татковината се брани со принципи, вера и резултати, не со навреди, договори под маса и тендери. Од разно-разни провизии, кланови и удобни хациенди. Затоа што Македонија е поголема од секоја политичка генерација. Затоа што државата не е само знаме, химна и граници. Државата е доверба. Таа е и систем. Државата е ветување кон секој граѓанин дека неговата иднина нема да зависи од нечии лични интереси, туку од неговата работа, неговото знаење и неговите способности. И токму тука лежи нашата најголема одговорност – да изградиме татковината која нема само да ја слави својата историја. Туку држава која ќе создава нови победи за историја. Историја на економски успех, на институционална правда, на национално достоинство. Историја на развој и напредок, истакна Мицкоски на свеченоста во Куманово, откако делегации положија цвеќе пред Спомен-костурницата и настапи Воениот оркестар со композиици од македонската борба за слобода.

 

Најнови вести