Премиерот Христијан Мицкоски вели дека во вториот квартал имаме висока економска активности и зголемен БДП од 4,3 проценти. Тоа е уште една лоша вест за опозицијата која повторно жали затоа што Македонија оди напред, а не е вовлечена во нивното мочуриште на лаги, посочи премиерот додавајќи дека владата ќе продолжи во таа насока да работи.
„Не е лесно, не се сите проблеми решени, бидејќи многу проблеми се наследени. Важно е дека работиме да го решаваме тоа што е наследено, а да не создаваме нови проблеми. Резултатите се видливи и после две години излегуваат на виделина, стабилизирана инфлација, растот од 4,3 проценти што е еден од најсилните во Европа“, изјави на прес-конференција шефот на Владата.
Дополнително, премиерот одговори и на критиките на опозицијата за јавниот долг.
„Ја слушав онаа прес-конференција којашто ја имаа пратеници од СДСМ во рамките на Македонското Собрание, каде што имаше две тези коишто сами по себе се небулозни и на отворена сцена покажуваат непознавање. Но, во ред, јас ги разбирам, сепак тоа не е фабрика за јужно овошје или компанија за јужно овошје, па да тргуваат со стабри вакцини или, пак, да горат модуларни болници — тука се експерти. Но, кога станува збор за економијата, освен арамилук и лоповлук, друго не им е во нивната политичка матрица. Но, каква е вистината и каква е реалноста? Првата теза беше зошто не биле запишани оние заеми коишто Државното јавно претпријатие за државни патишта ги зема, затоа што тие не влегуваат во јавниот долг — и тоа треба да го знаат, затоа што има Закон за јавен долг и тие заеми се рамковни, односно во зависност од тоа како се напредува на терен и како се завршуваат активностите, така се испорачуваат фактури, така се повлекуваат заеми и така се плаќаат. И втората теза — зошто онаа одлука на Владата од 31 август за задолжување на меѓународниот пазар не била предвидена во ребалансот на Буџетот, затоа што таа е да се издаде еврообврзница во следната година за да можеме да ги вратиме нивните долгови, коишто го крадеа народот и ги празнеа буквално институциите и министерствата. За да можеме да ја вратиме обврзницата којашто тие ја земаа во корона-кризата, за да можат да горат модуларни болници, за да можат да набавуваат стабри вакцини, а притоа граѓаните да бидат на дното според превенцијата, а на врвот по бројот на жртви за време на корона-кризата.